Претседателот Румен Радев ја потсети извршната власт и пратениците дека тој е врховен командант не само во време на војна, туку и во мир и да ги повика повеќе да размислуваат и да се грижат за бугарската армија, а не за странските војски.
„Бугарија е се поблиску до војна, а политичарите со скромна изборна поддршка не ја сфаќаат длабочината на проблемот и на војната гледаат како на театар, мислејќи дека ќе останат само гледачи“ порача Радев од Австрија каде е во посета, без да споменува конкретни имиња.
Бугарски медиуми сепак велат дека претседателот мислел на новиот министер за одбрана Тодор Тагарев, кој побара Бугарија да биде вклучена во паневропската набавка на проектили за украинската армија.
Радев ова го доживува како „еднострано наметнување на позициите на извршната власт“, пишува Њуз.бг.
Радев потсети дека претседателот е врховен командант и во воено и во мирно време:
„Секој кој има обврски и амбиции во областа на безбедноста и одбраната мора добро да знае и да се придржува не само до Уставот, туку и до Законот за одбраната и одлуките на Советот за безбедност, кои категорично регулираат дека претседателот е врховен командант и во воено и во мирно време.
Радев вели дека главната должност на секоја влада е да ја гарантира безбедноста и спокојството на бугарските граѓани.
„Во интерес не само на нас, туку и на цела Европа е веднаш да ги прекинеме непријателствата и да ги бараме сите можни начини за враќање на дијалогот и мировните преговори, а не да го подгреваме овој конфликт со ново и ново оружје“, рече Румен Радев.
