Претседателот на Бугарија, Румен Радев, изјави дека обезбедувањето воена помош за Украина може да доведе до глобален конфликт и апелираше да не се доставува оружје за Киев.
„Мирот и човечкиот живот се највредни. Доставувањето оружје во Киев значи дека го гасиме огнот со бензин, значи дека признаваме дека ќе има уште многу жртви“, рече Радев во интервју за бугарското Дарик радио.
Како што истакна тој, воената помош за Киев значи согласување со ставот дека конфликтот треба да се води до целосен пораз на едната страна, што неминовно и постепено ја вовлекува земјата „во глобален конфликт и можност за нуклеарно самоуништување“.
Радев посочи и дека неговата земја не треба да испраќа оружје во Украина, поддржувајќи го тој конфликт.
„Секој што не се согласува со таа позиција не само што треба внимателно да ги проучува историските корени на конфликтот, туку и да презентира анализа на сите ризици. Моја должност како претседател е да размислувам и да бидам солидарен со мнозинството Бугари“, нагласи тој.
Шефот на бугарската држава заклучи дека војната станува сè поинтензивна и оти доведува до исцрпеност и глобална економска катастрофа што Европејците веќе ја чувствуваат.
Германскиот весник „Велт“ претходно објави дека во пролетта минатата година Бугарија почнала тајно да го снабдува Киев со голема количина муниција и дизел гориво. Оваа информација ја потврди и министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба.
Дотогаш Бугарија и Унгарија се сметаа за единствени членки на ЕУ кои не испорачуваат оружје и муниција на Украина.