Бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи побарал Европската унија да ги заштити Бугарите во Македонија.

„Крајно време е институциите во Република Северна Македонија ефикасно да се спротивстават на насилството и на вербалните изрази на омраза кон Бугарите“, му рекол Радев на Вархеи, соопшти службата за односи со јавност на шефот на бугарската држава.

„Зачестените случаи на агресија врз Бугарите кај нашиот југозападен сосед дефинитивно бараат институционален одговор. Обидите да се омаловажуваат и да се третираат само како криминални случаи не се во интерес на билатералните односи и на европската перспектива на РСМ. Неактивноста и неказнивоста поттикнуваат злосторства од омраза“, нагласил претседателот на Бугарија.

Радев ја повика Европската унија да ги гарантира почитувањето на правата и безбедноста на Бугарите во Македонија со истата енергија со која инсистираше за забрзување на нејзините евроинтеграции, се додава во соопштението.