Радев открива дека Пендаровски, Ковачевски или Османи веќе договориле промена на уставот

Бугарскиот претседател Румен Радев откри дека македонскиот државен врв веќе прифатил Македонија да го смени уставот и да ги направи Бугарите во земјава државотворен народ.

Тој не прецизира кој точно дал ветување за промена на уставот но со оглед на уставните ингеренции во надворешната политика јасно е дека Радев меѓу другите инволвирани зборува за премиерот Ковачевски, претседателот Пендаровски и министерот Османи.

Ниту еден од нив попладнево веднаш не ја демантираше изјавата на Радев.

,,Навистина има напредок. Промената на Уставот на Република С. Македонија е веќе прифатена да се случи. Во Софија никогаш не сме зборувале за малцинство, туку за рамноправност на македонските Бугари, која ја заслужуваат. Прво да се промени Уставот, па дури потоа да почнат преговорите со ЕУ”, изјави Радев за време на посетата на Балтикот.

Радев денеска од Вилнус побара Владата на Бугарија да се произнесе со став за предлогот на француското претседателство со ЕУ за деблокирање на европскиот пат на Македонија.

,,Сегашниот пристап не може да функционира. Бугарската Влада треба да даде мислење врз основа на стручноста на бугарското Министерство за надворешни работи и доколку на кој било начин ја ажурира националната рамковна позиција со своја одлука, дури потоа да ја испрати до Парламентот на одобрување, а не обратно”, изјави Радев во Литванија.

Според Радев, Рамковната позиција на Бугарија во 2019 година беше утврдена и усвоена со одлука на тогашната бугарската Влада и потоа поддржана со Декларација одобрена од страна на тогашниот состав на Собранието.