За „меките вештини“ многу малку се зборува во деловниот свет во Македонија, иако тие се од есенцијална важност за компаниите и вработените. За разлика од „тврдите вештини“ (кои што се потребни за да може да се извршуваат одредени работни обврски), „меките вештини“ му помагаат на вработениот за да може да се вклопи во работната средина.

Thebalancecareers.com, блог којшто е специјализиран за кариера, пишува дека меките вештини му помагаат на работникот да се вклопи на работното место. Тие вклучуваат, карактер, став, флексибилност, мотивација и однесување.

Нагласува дека меките вештини се од големо значење за работодавачот, а за тоа најмногу говори фактот што тие врз основа на истите се одлучуваат дали да го задржат или унапредат работникот.

Меките вештини треба да станат дел од образовниот систем Катерина Златановска – Попова, советник за кариерен развој, за порталот Работник објасни детално за меките вештини.

Според Златановска – Попова, во текот на образованието, развојот и професионалниот живот, луѓето се стекнуваат со два типа на вештини – технички вештини (hard skills) кои се однесуваат на знаењето за одредена работна позиција и меки вештини кои им помагаат при извршувањето на работните задачи. Златановска – Попова ги дефинира и како: „лични атрибути кои ви се потребни за да бидете успешни на работното место“.

Вели дека тие се дел од личните карактерни особини и квалитети, начинот на комуникација, решавањето на комплексни проблеми, соработувањето со колегите, претпоставените итн.

Некогаш се идентификуваат и како people skills или вештини поврзани со градење на релации, меѓучовечки односи и емпатија. На листата може да се вбројат: комуникациски вештини и активно слушање, социјални вештини (да знаете како да се вклопите со други луѓе, емпатија, невербална комуникација), тимско работење, лидерство, креативно размислување, разрешување на конфликти, критичко размислување, флексибилност и прилагодливост, отвореност кон постојано учење и промени, емоционална интелигенција…листата е навистина долга и неисцрпна, истакна Златановска – Попова.

Земајќи го во предвид претходно кажаното, ја прашавме како можат да се стекнат овие вештини.

Златановска – Попова објасни дека кај некои луѓе меките вештини се „вродени“, додека на други им треба вежбање преку следење на примери и посетување на обуки кои се директно насочени кон развој и усовршување.

Меките вештини, вели таа, се учат секојдневно, а за да ги усовршат, луѓето треба постојано да ги практикуваат.

За разлика од тврдите вештини, меките вештини се потешко мерливи и потешко се проценуваат, потребно е време и воедно лична посветеност и токму затоа клучно е да станат дел од секојдневието, начинот на размислување, начинот на живот на секоја личност, посочи Златановска – Попова.

Логично прашање беше и да се постави дали овие вештини се бараат од сите компании, од било кој сектор и да се или сепак постојат исклучоци.

На ова Златановска – Попова одговори дека иднината на човештвото, но воедно и конкурентска предност пред вештачката интелегенција е стриктно поврзана со развивањето на меките вештини.

Според неа, овие вештини се голем дел од она што го носиме во себеси, но и она што го носиме како еден вид на додадена вредност во компанијата каде што работиме, додавајќи дека тие ја отсликуваат нашата уникатност. Подвлече дека се неопходни и клучни и при креирањето на професионална биографија (CV) и за време на интервјуто за работа.

Искуствата покажуваат дека дури и најквалификуваниот професионалец, доколку не поседува разновидна палета на меки и социјални вештини многу брзо ќе ја загуби позицијата или работата, појасни Златановска – Попова.

Таа со нашата редакција сподели и едно истражување коешто е спроведено на деловната социјална мрежа LinkedIn. Истото покажало дека најголемиот дел од анкетираните работодавачи или 57 % повеќе ги ценат меките вештини наспроти тврдите, споредено со 43 % кои размислуваат спротивно.

Нејзиниот совет до оние коишто го читаат овој текст е дека тврдите (техничките) вештини можат да ви обезбедат пат до интервју за работа, но меките вештини се тие кои се клучни за да ја добиете истата.

При крајот на нашиот разговор, ја прашавме што покажува нејзиното искуство за тоа колку граѓаните на Македонија се склони кон стекнување на вакви вештини.

Среќна сум што сѐ повеќе стануваме свесни за неопходноста и бенефитите кои ги носат меките вештини како во професионалниот така и во приватниот живот. Во изминатите 3 месеци работев на градење вештини кај прекрасни млади девојки и жени во рамки на еден проект и не само што сум воодушевена од желбата и интересот туку и заедничкиот заклучок на учесничките е дека е од клучно значење меките вештини што порано и што поскоро да се вклучат во редовниот образовен процес на децата, како што на пример е случај со Данска каде што емпатијата е вклучена како предмет во првите години од основното образование, заклучи Златановска – Попова.

P

Мал број на компании спроведуваат обуки за стекнување на меки вештини

Разговаравме и со Бобан Кочовски, магистер по трудово право и човечки ресурси. Според Кочовски, меките вештини се многу добро познати во западните земји. За истите, вели тој, многу малку се зборува во Македонија, со исклучок на неколку компании.

Меките вештини се нешто многу добро познато во западните држави, но ретко се говори на територија на Република Македонија, со исклучок на некои компании кои што се класа сама по себе (овде најмногу мислам на Пивара Скопје во соработка со Мотива, Алкалоид и сл.) кои и тоа како имаат направено детална анализа на бенефитите од меките вештини кај своите вработени, па воопшто и не чуди нивниот континуиран успех од година во година, вели Кочовски.

Тој објасни дека под меки вештини спаѓаат широк спектар на вештини и знаења на вработените, а дел од нив, според него се:

Критичко размислување;
Управување со време;
Приоретизирање на обврски;
Професионалност и етичко работење;
Лидерски способности;
Самоиницијативност;
Континуирана професионална надградба;
Планирање на обврски;
Адаптибилност;
Тимска тесна соработка;
Ориентација кон резултати;
и многу други.

Кочовски смета дека меките вештини е она што го красат еден работник, покрај формалното и неформалното образование, односно дека тие говорат за мајндсетот и карактерот на вработените во една компанија, поточно што може да се очекува од работникот да придонесе во однос на културата во компанијата и праксата на краток, среден и долг рок.

Успешните компании имаат посветено сериозни ресурси токму за да добијат детална слика околу меките вештини, затоа што на крајот од денот многу нешта околу успехот на една индивидуа, а со тоа и колектив, зависи токму од меките вештини, вели Кочовски и додава:

Лично, како дел од HR и трудово – правната сфера на делување, секогаш ги вреднувам претходно наведените карактеристики кај кандидатите за вработување многу повеќе отколку факултетскиот просек, од причина што секој може со напорна работа да добие одличен просек во своите студентски денови, но не секој поседува емоционална интелигенција, самоиницијативност, адаптибилност и лидерски способности (помеѓу останатите меки вештини), нешто што е важно да се земе во предвид при примање на нов член во компанискиот тим.

И покрај тоа што, како што вели Кочовски, системот на работните односи на глобално ниво има свои недостатоци, вработените во сите земји, а посебно во Македонија, треба да започнат да вложуваат повеќе во себеси преку стекнување на знаења и вештини, бидејќи тие можат да бидат од голема полза при остварување на успешна кариера, но и ќе помогнат на приватен план, со тоа што ќе ги направат поисполнети и подобри личности.

Топло ги препорачувам обуките организирани од страна на Пивара Скопје и Мотива кои се насловени како „Вештини за успех“ (кои впрочем се бесплатни!) со цел заинтересираните да имаат детална претстава за што говориме во оваа пригода, како и да научат нешто плус од врвни професионалци. Таквите инвестиции секоја успешна и сериозна компанија ќе знае да ги цени и ќе знае да ги вреднува со квалитетен договор за вработување, услови за работа, како и висина на плата, односно наједноставно кажано – со инвестирањето во себе и учењето на нова мека вештина самите на себе си си ги зголемуваме шансите да бидеме подобра верзија од себе за себе, за компанијата, но и за целокупното наше опкружување, додаде Кочовски.

Извор работник.ком.мк