Иако бранителот на титулата МЗТ Скопје Аеродром во три четвртини од натпреварот водеше или беше рамноправен, кошаркарите на Работнички славеа со убедливи 86:77 и успешно стартуваа во финалната серија од плејофот, која се игра до три победи.
Откако на полувреме од средбата во салата „Градски парк“ беше нерешено 42:42, „металците“ во последната четвртина влегоа со предност од 65:61, но решавачките десет минути ги загубија со 29:19, а со тоа и мечот.
Чавдар Костов со 21 поен и Расел Робинсон со 18 беа најзаслужни за триумфот на домаќинот, а во поразената екипа се издвоија Дамјан Стојановски и Јуре Лалиќ со по 18.
Шампионот настапи без повредениот Марко Симоновски, а лидерот во првенството уште во првото полувреме остана без Димитар Мираковски, кој се повреди при доскок по успешно положување.
Вториот дуел е в среда од 20 часот во салата „Јане Сандански“.