Многу често се потценува потребниот напор за подготвување и поставување на бизнисот за е-трговија. Изминатите две години со пандемијата многу компании го префрлија својот бизнис онлајн за да преживеат. Но, поставувањето на бизнисот онлајн не подразбира само креирање веб страна и можности за онлајн плаќање. За успех на онлајн бизнисите треба добро да се размисли на кој начин ќе се привлече вниманието на публиката и ќе се поттикне продажба.

Првични чекори се планирање, поставување, управување и маркетинг на вашата продавница за е-трговија.
Планирање на вашиот бизнис за е-трговија, подразбира земање во предвид голем број фактори, а пред се изборот на најсоодветен модел за е-трговија. При планирањето важно е да се размисли за: целите на бизнисот, дали бизнисот планира да продава само онлајн, која содржина е потребна за да се поттикнат луѓето да го користат производот, начинот на достава и сл.

Размислете за брендот, доколку бизнисот функционирал само со физичка продавница, а сега се префрла или проширува и онлајн, на кој начин физичката продавница може да ја поддржи продавницата за е-трговија. Секако со комбинација на онлајн и офлајн присуство, може да се понуди похолистичко и фокусирано искуство, усогласувајќи се со навиките на купување на потрошувачите.

Вообичаени стапици на кои треба да се внимава се користење на постоечките ресурси на компанијата, неразбирање на деловните модели, несоодветна процена на сумата потребна за развој на веб-страница, создавање содржина, логистика за достава, управување и правна поддршка.

Не заборавајте да ја следите вашата конкуренција. Разгледајте што и како прават, како се ангажираат на пазарот, нивниот опсег на цени. Запознајте се со нивната стратегија за комуникација и што е она што го пласираат на социјалните медиуми. Обидете се да примените социјално слушање. Што споделуваат луѓето за вашиот бренд со цел да ги следите разговорите и брендот. Дознајте каде се вклопувате на пазарот, каква вредност и давате на индустријата, што ќе помогне да понудите подобар производ или услуга од вашите конкуренти.

Поставување на вашата продавница за е-трговија, значи разгледување на различни елементи на веб-страницата за е-трговија и разгледување на платформите за е-трговија.

Повеќето веб-страници имаат заеднички елементи како што се: почетна страна каде го покажувате вашиот бренд и се обидувате да ги привлечете посетителите на вашата веб страна; страница со категории кои го подобруваат корисничкото искуство и го олеснуваат пребарувањето; контакт, каде корисниците ќе можат да се информираат за локацијата; кошничка, каде треба да се осигурете дека процесот на купување е јасен и едноставен, доколку процесот е долг и комплициран, голема е веројатноста купувачите да ја напуштат страната без да го завршат купувањето.
Запомнете, потребно е да го направите купувањето и пребарувањето што е можно поедноставно дури и за потенцијалните купувачи кои имаат малку искуство во онлајн купување.

Управување со вашата продавница за е-трговија, тука станува збор за начините на складирање и начин на пакување. Дали пакувањето го зајакнува вашиот бренд? Што ќе видат луѓето кога ќе го добијат вашиот производ? Дали го подобрува искуството на клиентите? Притоа треба да внимавате на трошоците и правните аспекти на купување. Со оглед на тоа дека онлајн продажбата подразбира прибирање на лични податоци неопходни за идентификување на купувачот и достава на производот погрижете се да ги знаете сите закони и добри практики кои ја покриваат оваа тема.

Маркетинг на вашата продавница за е-трговија, подразбира
• градење на брендот преку пласирање на содржина, односи со јавноста, комуникација на социјалните медиуми,
• поттикнување на продажбата за што ви е потребна аналитика за досег и зачестеност: колку луѓе ја видоа вашата содржина и колку често ја гледаа, платено пребарување, оптимизација,
• задржување на клиентите преку примена на онлајн маркетинг тактики како што се е-маил маркетинг за градење на однос со публиката, ретаргетирање, програми за лојалност и слично.

Кога луѓето пребаруваат на интернет, тие поставуваат прашање. Поставете го вашиот бренд како одговор на нивното прашање! Размислете за платено рекламирање и анализирајте го целиот сообраќај на вашата веб-страна со помош на Google Analytics.
Да се поттикне интерес за вашиот производи или услуга не е лесна задача. За таа цел треба да изградите култура каде публиката активно ги прегледуваат вашите производи, да бидете присутни и активни на социјалните медиуми, но најважно – вашиот фокус да биде задоволството на купувачите и исполнување на нивните очекувања.


Јована Затаракоска
Специјалист за Дигитален Маркетинг – Маркет Висион Скопје