Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на Владимир Путин во кој го обвинува дека е одговорен за воени злосторства – под сомнение дека е одговорен за нелегална депортација и нелегално пренесување на деца од територијата на Украина во Русија.
Покрај Путин, Хашкиот суд издаде и налог за апсење на Марија Алексеевна Лвова-Белова, руската комесарка за правата на децата, под истите обвиненија како и за рускиот претседател.
Обвинителот на Хашкиот трибунал, Карим Ахмад Кан, кој работи на случајот, изјави за Би-Би-Си дека депортацијата на украинските деца во Русија е нехумана и дека Русија можела да преземе други мерки за заштита на децата, доколку таа и била намерата.
„Доколку постоеше опасност во одредена област, тие требаше да бидат преместени во други делови на Украина, каде што немаше таква опасност“, рече Кан. „Ако тоа не беше можно, требаше да им се понуди преселба во трети земји“.
МКС оспорува дека Русија практично ја легализирала депортацијата на децата давајќи им на децата руско државјанство.
Истражната комисија на ОН за Украина неодамна објави дека постојат докази за нелегално префрлање на стотици украински деца во Русија.
Според податоците на украинската влада, бројот на деца насилно однесени во Русија е 16.221.
Некои невладини организации ја наведуваат бројката до 700.000 украински деца депортирани од Русија од 2014 година, кога го окупираше Крим.
Меѓу нив беше и едно тогаш 15-годишно девојче, кое на дописникот на Скај њуз Стјуарт Рамзи му кажало дека било поканета во летен камп на Крим пред да ѝ биде кажано дека нема да си оди дома.
Ја качиле во еден од 100-те автобуси, во кои имало од 30 до 40 деца. Таа рече дека од нив било побарано да ја пеат руската национална химна и дека не им било дозволено да истакнуваат бои на украинското знаме во нивните спални соби.
Миграцијата на деца од Украина во Русија повторно се интензивираше во последната година.
„Русија воведе политики како што е доделување руско државјанство и сместување деца во згрижувачки семејства со цел некои деца трајно да останат во Русија“, се вели во извештајот.
Отворениот обид на Русија да посвојува украински деца и да ги воспитува како Руси е во тек, покажува истрагата на Асошиетед прес.
Илјадници деца се пронајдени во подрумите на градовите разурнати од војна, како што е Мариупол, и во сиропиталишта во поддржаните од Русија сепаратистичките области во Донбас. Меѓу нив има и оние чии родители загинаа во руско гранатирање, како и други деца во институции или згрижувачки семејства, познати како „деца на државата“.
Русија тврди дека овие деца немаат родители или старатели да се грижат за нив или дека не може да се дојде до нив.
Но, АП откри дека официјални лица депортирале украински деца во Русија или територии под руска контрола без согласност, ги лажеле дека нивните родители не ги сакаат, ги користеле за пропаганда, ги однеле во руски семејства и им дале руско државјанство.
Без разлика дали имаат родители, одгледувањето деца од војна во друга земја или култура може да биде показател за геноцид, обид да се избрише самиот идентитет на непријателска нација.
Обвинителите велат дека тоа може да биде директно поврзано и со рускиот претседател Владимир Путин, кој експлицитно ги поддржал посвојувањата.
„Тоа не е нешто што се случува веднаш на бојното поле. Така, способноста да се припише одговорност на највисоко ниво е многу поголема овде“, вели Стивен Рап, поранешен американски амбасадор за воени злосторства, кој ја советува Украина во обвинителството.
Дури и ако родителите се мртви, вели Рап, нивните деца мора да бидат заштитени, згрижени или посвоени. Индекс.хр
