Путин: Да се стави точка на случајот „Скрипал“

Рускиот претседател Владимир Путин очекува на седницата на Извршниот комитет на Меѓународната организација за заштита од хемиското оружје денеска да биде ставена точка на случајот „Скрипал“.

„Ќе свикаме состанок на Извршниот комитет на Меѓународната организација за забрана на хемиско оружје, за да ја решиме оваа ситуација на вистински начин. Имаме подготвено најмалку 20 прашања за дискусија“, порача вчера Путин од Анкара, каде што имаше средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.


Русија беше обвинета од Велика Британија дека стои зад нападот со отровен гас „новичок“ врз поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солзбери, Англија, на 4 март.

Според рускиот претседател, Русија бара да учествува во истрагата бидејќи „супстанци слични на ‘новичок’ можат да се произведуваат во близу 20 земји“.

„Не можат да ја идентификуваат земјата на потекло, ниту, пак, можат да кажат дека супстанцијата е произведена во Русија. Во тој правец, предизвикува изненадување брзината со која започна кампањата против Русија“, рече тој.

Вчера научниците од британската лабораторија „Портон-Даун“ соопштија дека не успеале да утврдат каде бил направен нервнот агенс што бил употребен во труењето на Сергеј и Јулија Скрипал.

Случајот со труењето на поранешниот двоен шпион предизвика вистинска дипломатска војна откако Велика Британија и САД протераа руски дипломати, а во знак на солидарност нивниот пример го следеа уште дваесетина земји, меѓу кои и Македонија.

На ова Москва одговори со реципрочни мерки.