Што значи кога на социјалните мрежи владата објавува информација за посетата на вицепремиерот за корупција на Брисел или на вицепремиерот за економија на Крушево а не објавува за средба на вицепремиер и министер за одбрана со еден од петте најважни американски функционери?

Триесет години сум во проклетата новинарска професија и неретко сум грешел, и сега не исклучувам дека можеби грешам, но овој пат убеден сум дека тоа што ми смрди на распаднато ткиво има своја длабока суштина.

Владата за настаните на најблиските луѓе на Заев објави соодветни вести но затоа на Твитер и Фејсбук профилите на владата ја нема информацијата за средба на Шеќеринска со еден од најважните луѓе во владата на Америка, секретарот (министерот) за одбрана на САД Лојд Остин III.

Кога владата објавува посета на Љупчо Николовски на Брисел и на Фатмир Битиќи на Крушево а не објавува средба на Шеќеринска со првиот човек на Пентагон за мене нема друго објаснување освен бојкот на активностите на вицепремиерката.
Никој не може да ме убеди дека некој на Илинденска не дал наредба да се молчи за средбата на Шеќеринска , најверојатно затоа што таа не игра по нотите на Вице Н.

Да беше поинаку владата со фанфари ќе се фалеше за средбата на својот член со човекот кој ја води најмоќната воена организација на светот.

Да не заборавиме на уште еден важен момент, со Шеќеринска во Вашингтон е и амбасадорката Кејт Мери Брнз.

За тие што како мене се уште имаат дилема нека отворат сами да видат какви средби имале Битиќи и Николовски а какви Шеќеринска.

За разлика од Владата и премиерот Заев кои на социјалните мрежи ја игнорираат посетата на Шеќеринска на Вашингтон американската амбасадорка Мери Бенз ја ретвитна Шеќеринска по средбата со секретарот на САД за одбрана.

Од сценариото во кое во владата се случува бојкот на Шеќеринска полошо е само тоа во кое Владата и премиерот Заев го бојкотираат американскиот секретар за одбрана и американската амбасадорка во Скопје.

Така некако почна и падот на Груевски.