Воениот режим во Нигер, кој дојде на власт со државен удар, ја отфрли понудата на Западна Африка и САД за разговори за спречување на воена интервенција за враќање на уставниот поредок, додека се’ уште е можно.
Два дена пред самитот на Економската заедница на западноафриканските држави (ECOWAS) за ситуацијата во Нигер, војската на власт во Ниамеј објави дека не може да ја прими делегацијата на организацијата од безбедносни причини.
Во писмото се наведува дека одложувањето на состанокот планиран за вторник „се покажа како неопходно (…) поради очигледни безбедносни причини, додека се заканува агресија врз Нигер“.
ECOWAS се закани дека ќе интервенира воена во Нигер за да го врати претседателот Мохамед Базум, соборен со пуч на 26 јули.
Безбедносни експерти се загрижени дека ситуацијата во Нигер може да прерасне во воен судир.
Поранешниот врховен командант на НАТО за Европа, Џејмс Ставридис, предупреди дека кризата во Нигер може да доведе до „сеопфатна војна во Африка“.
Две соседни земји на Нигер, Буркина Фасо и Мали, кои исто така неодамна организираа воени удари, претходно предупредија дека секоја надворешна воена интервенција во Нигер ќе ја третираат „како објава на војна“ против нив.