Последниве неколку недели во владеачката ДУИ се одвива дебата дали партијата треба да размислува за предизборна коалиција со СДСМ пред следните парламентарни избори.
До пред една година а најконкретно со влезот на Алијансата за Албанците во владата оваа опција била разгледувана од повеќе партиски структури и тогаш немало отворени противници, тврдат партиски извори кои сега лобираат Ахмети и врвот на партијата веднаш да се откажат од било какви планови за заеднички предизборни листи со СДСМ.
Според тогашните анализи и анкети заедничка предизборна коалиција со СДСМ и АА на ДУИ им давало огромна можност за нова-стара влада но сега со драматичниот пад на рејтингот на партијата на Ковачевски оваа можност не е ниту теоретска и затоа Мала Речица се врти кон тоа што е најпрагматично за неа со цел да остави простор за сите сценарија по изборите.
Сега за огромен дел од структурите на ДУИ СДСМ е само товар кон кој немаат никаква обврска.
Главниот проблем за предизборна коалиција со СДСМ според упатени членови на поширокото раководство на ДУИ е што доколку се направат заеднички листи со Ковачевски драматично се намалува можноста од постизбирна коалиција на Ахмети со Христијан Мицкоски за кого во Мала Речица нема дилеми дека ќе биде идниот мандатар.
Доколку ДУИ како дел од предизборна коалиција со СДСМ влезе во војната меѓу Бихаќка и ВМРО-ДПМНЕ тогаш објективно е дека Мицкоски кој и сега не сака соработка од ДУИ, нема ни под разно да сака да влегува во било каква влада со ДУИ.
Интересно е што според изворите на expres.mk во ДУИ никој нема проблем за коалиција со идеолошките ривали во Алијансата но имаат против за предизборна коалиција со СДСМ која е барем формално со иста идеолошка матрица.
Математиката во ДУИ е едноставна, коалиција со Алијансата со која заедно можат да дојдат до 13-14 пратеници во најдобро сценарио за Мала Речица ќе му даде на Ахмети предност да преговара со Мицкоски на база на повеќе народни избраници во Собранието.
Но за оваа математика се свесни и во Алијансата за Албанците каде знаат дека Мицкоски не сака да има работа со ДУИ која има многу корупциски скандали зад себе.
Во Алијанса знаат дека ДУИ веќе ја нема поддршката од меѓународниот фактор и не сакаат да се ,,кладат на коњ кој ја губи силата и публиката”, сметаат извори во Алијансата за Албанците.
Во исто време Таравари знае дека Мицкоски нема обврска да го почитува ,,договорот победник со победник” кој го прекрши ДУИ во 2017 година.
Во Алијансата за Албанците, односно во Гостивар каде се наоѓа неофмалното седиште на партијата, сега не сакаат да го земат товарот на ДУИ на свој плеќи и сакаат сами со своите еден до максимални три пратеници да влезат во постизборната математика и да бидат тегот на вагата што ќе одлучи за составот на идната влада.
Засега албанската опозиција составена од Касами, Гаши и Меџити мирно ја чека разврската од ,,љубовните” проблеми во владиниот триаголник знаејќи дека ако освои повеќе од десет пратеници, што се навестува на анкетите, ќе има сериозна предност пред ДУИ за влез во владата.
Анкетите му даваат мир и на Мицкоски кој сега има реални 52 до 55 пратеници но благодарение на корупциските скандали на власта реално може да се надева и на 61 пратеник.
Со таква разврска на настаните тој ќе биде во уште полагодна ситуација од таа што ја има сега како извесен мандатар по парламентарните избори кога и да се.
Кој ќе биде кандидат за претседател на државата од власта, може да има некаква улога во предизборната владина коалиција но не може да го промени резултатот според кој кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата сигурно победува ако има цензус во вториот круг.
Ако власта одлуки да бојкотира избор на претседател може привремено да ја спречи победата на ВМРО-ДПМНЕ во трката за претседател но тогаш Мицкоски со избор на собраниски спикер на местото на Талат Џафери го добива и ВД претседателот на државата.
Ако оваа ситуација предизвика политичка криза а за граѓаните ќе биде јасно дека бојкотот е дело на СДСМ за многу кратко време може да се случат нови избори на кои СДСМ ќе сонува и за 15 пратеници.
Ситуацијата за власта особено за СДСМ е немилосрдна и затоа станува јасно зошто Ковачевски почна нова смешна кампања со пеење и најави дека ќе биде иден премиер.
Лидерот на СДСМ има уште шест месеци да ужива во државните пари и да ја игра улогата на шеф на владата функција која реално никогаш не ја остваруваше.
Г. М.