Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада Петар Петковиќ кажа дека се покажало дека косовскиот премиер Аљбин Курти не сака дијалог и дека за првпат кристално јасно се слушнало од Европската Унија дека Курти е виновникот за пропаѓањето на преговорите.

Тој кажа дека српската страна прифатила повеќе предлози и компромиси и дека српскиот претседател Александар Вучиќ гледал како со предлозите да се оди чекор напред и да се зачува мирот.

„Предложивме да се вратат КС табличките, па Курти како изгорен скокна, зборувајќи дека завршила статусната неутралност, дека не важи Резолуцијата 1244, дека сега се држава, дека имаат право на статусни симболи. Ние бевме спремни да го прифатиме предлогот да сопреме, да не издаваме нови таблички, а Приштина да ја суспендира својата нелегална одлука за пререгистрација. Тој инсистира на нешто што не е меѓународно право и договор, туку сака хаос“, кажа Пековиќ.

„За нас црвената линија е да не прифатиме Косово да стане членка на ОН, но никој не може да бара од Белград потпишаното, што е меѓународно-правна обврска, да биде ставено во контекст на новата фаза на преговорите. Како може кога претходната не сме ја завршиле? Сите договорени работи мора да се спроведат, а дури потоа може да зборуваме за продолжување на нормализацијата“, наведе Пековиќ. Потсети дека Приштина 10 години одбива да го спроведе Бриселскиот договор и да ја формира Заедницата на српски општини, чиј гарант е ЕУ.

„Прв пат слушнавме дека не се виновни двете страни“, укажа Петковиќ на изјавата на Жосеп Борел, која кажа дека договор не е постигнат исклучиво поради Курти.

„Прв пат јасно можевме да слушнеме дека виновник за пропаста на дијалогот е исклучиво Курти и Приштина која не ги спроведува своите меѓународно-правни обврски, како што кажа самиот Борел“, истакна тој.

Додаде дека како одговор од Приштина следеше салва напади од Вјоса Османи и Аљбин Курти кои за Борел кажаа дека ја згазил нормализацијата на односите и дека „застанал на страна на агресорот“, дека му е искривена реалноста.

„Ќе гледаме да го зачуваме дијалогот и токму тоа е местото каде треба да разговараме, да нема инциденти, да не му дозволиме на Курти да напаѓа со милитантен пристап. Курти ги одбива договорите и покажува дека цело време лажел, сите овие години, а последните месеци особено“, заклучи Петковиќ.