Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов на промоцијата на зборникот „Илинденско-преродбенското востание низ погледот на европските дипломати“ уште еднаш ги изнесе своите добро познати ставови за Македонија и за Македонците.
„Македонизмот, за жал, беше насаден врз вековното тело на бугарската нација. Создавањето на Република Македонија е факт од бугарската историја“, рече шефот на бугарската држава од 2007 до 2012 година.
„Во почетокот на 20. век и далеку пред тоа ние имаме една единствена историја. Имавме заеднички цели. Населението на Мизија, Тракија и Македонија има единствена национална самосвест, независно од различностите, од тактиката и независнои од присуството на различни организации“, смета тој.
Според Прванов, Бугарија предолго молчела за спорните историски прашања со Македонија, за да не се згреши нешто во и со Скопје.
„Прво ни рекоа да молчиме поради референдумот, за да може тој да помине колку што е можно помирно, во зависност од нечии очекувања. И ние премолчивме. Потоа реагиравме воздржано на неприфатливите изјави на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, за да не ја затегнуваме атмосферата за време на бугарското претседателство со ЕУ“, додаде тој.
Коментирајќи ја работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, пак, Прванов констатира дека целата дискусија се свела на тоа „чиј е Гоце Делчев“.