Прванов: Македонската идеја израсна од стеблото на бугарското дрво

Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов со нов придонес кон своите стари тези за македонската нација и држава на дебатата „Илинден 2018 – историски поуки и перспективи на односите во регионот“, која се одржува во Благоевград и е посветена на односите меѓу Бугарија и Македонија.

„Додека Скопје не признае дека македонската идеја и држава е израсната од стеблото на големото бугарско дрво, од стеблото на бугарската нација, секогаш ќе постои полемика“, рече претседателот на Бугарија од 2002 до 2012 година, додавајќи дека „ако од Македонија се подготвени да ја водат таквата полемика и во иднина – нема проблем, но нема да профитираат, зошто аргументите се на наша страна“.

Коментирајќи го Преспанскиот договор, покрај ставот дека „името Северна Македонија крие подводни карпи“, Прванов забележува дека со откажувањето од идејата за античкото минато „во потрагата по својот идентитет логично е младата северномакедонска држава да го стави акцентот врз Илинденските корени“. Но, според него, нема човек што не може да направи разлика меѓу Илинден 1903 и Илинден 1944.

„Собранието (АСНОМ – н.з.) од 1944 година донесува одлука за присоединување на Република Македонија како составен и федеративен дел на Југославија. Каде се идеите на Илинденците од 1903 година и каде е таа одлука? Разликата е огромна“, вели тој.