Поранешниот бугарски претседател Георги Прванов и понатаму смета дека Македонците до првите децении на 20. век имале бугарско самосознание, но денес имаат различна национална свест и Бугарите треба да ја признаат.
„Треба да има краток анекс на Договорот (за пријателство – н.з.), во кој ќе пишува дека заедничка историја зналчи од антиката до првите децении на 20. век населението на денешна Северна Македонија има бугарско национално самосознание. Од 1945 година или нема да датирам, јас не сум од тие што сакаат да запишеме конкретен датум, бидејќи создавањето нација е процес, но во секој случај сега Македонците имаат различна национална свест. Ние треба да ја признаеме таа различност“, изјави претседателот на Бугарија од 2002 до 2012 година за Бугарската национална телевизија (БНТ).
Според него, Бугарија згрешила што го издигнала проблемот со Македонија на ниво на Европската унија, во која „никој не сака да губи време со бугарското објаснување на десет страници“ и тоа довело до вистинска катастрофа во односите меѓу двете земји.
„Наместо најблиски народи, станавме најголеми непријатели на Балканот“, нагласи Прванов.
Спорот на Македонија со Бугарија не смее да се третира како тој со Грција, зошто тие се различни, смета тој.
„Грците сакаат да докажат дека немаат заедничка историја со северниот сосед, а Бугарија спротивното – дека има заедничка историја со Македонија“, објаснува Прванов, кој е историчар.