Кој за што, а поранешниот бугарски претседател Георги Прванов за Македонија, која не испушта во ниедна пригода да ја обвини за крадење на бугарската историја, барајќи поцврста политика во билатералните односи.
„Видовме како Грците го решија својот проблем со Скопје на начин на кој буквално ги надмина проблемите и поради тоа нема никакво посегнување кон грчката античка историја. Но, за сметка на тоа, сè почесто се зборува за градењето на македонската држава врз основа на Илинден, на Илинденско-преродбенското востание, што е кражба на бугарската историја“, изјави претседателот на Бугарија од 2002 до 2012 година на промоцијата на книгата „Илинденско-преродбенското востание од 1903 година низ поглеот на европските дипломати“ во Благоевград, на која е коавтор и автор на предговорот.
Илинденско востание по својот карактер е бугарско и тоа треба да им биде јасно на сите, порача Прванов, не пропуштајќи уште еднаш да побара нов договор или анкес на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, во кој јасно ќе се дефинира „заедничката историја“.