Тројцата живи претседатели, актуелниот Стево Пендаровски и пoранешените Ѓорѓе Иванов и Бранко Црвенковски од иста говорница упатија жестоки пораки кон власта. На Собирот во МАНУ, го критикуваа коруптивно владеење и насобраните долгогодишни проблеми, додека двајцата последни, иако на раличен начин, ги потенцираа непростливите грешки направени со потпишувањето на меѓудржавни договори кои наместо корист, ни донесоа огромна штета. Не може со сигурност да се знае што би рекле Борис Трајковски и Киро Глигоров во оваа прилика, кога би можеле се разбира, но не е тешко да се претпостави дека би биле на истото стојалиште со нивните наследници.

Сегашниот шеф на држвата беше внимателен во изразот, иако ми се чини, меѓу редови кажа се што е потребно.
Да илустрирам, изјави Пендаровски, во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Значи, ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та.

Иванов беше многу директен дека со Договорот од Преспа се стави крај на Република Македонија каква што ја знаеме . “Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината“, рече тој во своето обраќање.

Црвенковски немаше дилеми – земјата е корумпирана, страшно поделелна и премногу се потпира на вербата во идна ЕУ-интеграција.
„Што ако самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива“, изјави Црвенковски.

И каков е одговорот од власта на овој пресинг кој го наметнаа претседателите? Засега никаков. Впрочем, што ќе одговорат, дека можеби не е така? Се шегувам, секако дека ќе го сторат тоа, бидејќи да не заборавиме, Македонија одлично се справува со корупцијата, владее правото, економијата цвета, младите остануваат во татковината, Договорите со Грција и Бугарија се одлични, историски и совршени. Нешто во тој стил. Но додека размислуваат околу концептот со кој ќе блеснат, одбраната им ја препуштија на дежурните бекови. Тричко цел ден ги колне, плука, беси и брка претседателите, а Ненад го цитира Крлежа! Во некаков пост напишан од небесните висини на својата ограниченост, „аналитичарот“ вреска главно против Црвенковски и тап на крај, цитат од Крлежа. Претходно истата индивидуа чинам се досетуваше и на мисли од Марк Твен.

Во таа смисла еве едно „повикување“ на познати фаци и од мене. Радое Домановиќ уште пред 120 години, потсмевајќи се со тогашната „интелектуала“ во Србија објасни дека нивниот рецепт е многу едноставен. Ќе плеснат некоја глупост против некого, ќе го исплукаат како кисел дожд и потоа ќе наредат десетина латински изреки и пар цитати од некој познат мислител, иако сето тоа нема никаква врска со нивните „умотворини“. Па ако пројде кај некого, супер. Така и нашиве дежурни бранители на ликот и делото пред се на премиерот Заев. Плукај, цитирај без врска, стисни ентер и пак одново. Во меѓувреме предупредувачките прсти на тројцата претседатели и натаму покажуваат кон обвинетите за нашите несреќи. И го чекаат вистинскиот одговор. Вашиот.

Драган Милосављевиќ