Протестираат вработените од „Македонска пошта“

Пред просториите на поголемите пошти во земјава, стотици вработени во Македонски Пошти го искажаа својот револт преку предупредупредувачки протест. Навремена исплата на плати, одржлив развој , инвестирање и одржување во основните средства за работа како во делот на платниот промет, така и во делот на достава, побараа денес на мирен протест вработените во Македонска пошта. Како што велат, компанијата се наоѓа во сериозна финансиска криза која се провлекува подолг временски период. Исплатата на плати се пролонгирала од месец во месец со неколку дена задоцнување, а вработените се исплашени за следната исплата, велат, дека се загрижени за опстанокот и развојот на поштата во иднина.

Бараме од менаџерскиот тим да има посериозен пристап и да покажат разбирање дека сепак во прашање се егзистенционални прашања на сите вработени. Бараме да се преземат конкретни мерки и чекори за решавање на ваквата состојба и нормално функционирање на Македонска пошта, како што доликува на една ваква компанија која е од стратешки интерес на државата, вели Тони Матески вработен во филијалата на Македонска пошта во Охрид и претставник на Синдикат на Македонска пошта.

Вработените побараа да им бидат подобрени условите за работа особено во делот на доставата. Редовно да се одржуваат превозните средства и да се обезбедат униформи. Ваквата ситуација, велат, се одразува и на услугите кои треба да ги добијат крајните корисници.