Косовската полиција употреби солзавец против демонстрантите кои денеска се упатиле кон полициската станица во Косовска Митровица, револтирани од акцијата против криумчарење стока, јавува новинарката на Радио Слободна Европа од местото на настанот.

Според новинар од Косово онлајн, косовската полиција која дошла од Јужна Митровица провалила во една од градските аптеки за да ги провери царинските документи на Косово.

После тоа, луѓето се собраа, изразувајќи незадоволство од споменатата акција и ситуацијата ескалираше кога косовската полиција почна да фрла шок бомби и солзавец.

Во градот се слушаат сирени од противпожарни возила и амбулантни возила.

Во Северна Митровица, насобраните луѓе речиси се разотидоа, додека полициската акција продолжува во Звечан. И во оваа општина полицијата реагираше со солзавец откако граѓаните во Звечан фрлија тврди предмети кон полицијата.

„Косовската полиција денеска заплени разни стоки и одредени материјални докази за кои постои сомневање дека се шверцувани. Акцијата, која се уште трае, се прошири на неколку локации во Косово, вклучувајќи го и регионот на Северна и Јужна Митровица, Приштина и Пеќ,“ се вели во полициското соопштение.

Косовската полиција и единици од различни полициски профили беа ангажирани во тековната полициска акција. Косовската полиција подели неколку фотографии од запленетата стока, каде што се забележува дека станува збор за прехранбени производи.