Граѓани се самоорганизираат за протест поради случајот со Клиниката за онкологија кој е најавен за 18 часот пред Влада, а потоа ќе продолжи пред Министерството за здравство.

„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија, кои со месеци во живото–загрозувачка состојба чекаа лекови, додека лековите завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал каде се инволвирани највисоки функционери на власта и истиот трае со години“, пишува во објавата на Фејсбук и во соопштението испратено до медиуми.

Организаторите на протестот најавуваат дека се бара одговорност од некогашните министри за здравство Венко Филипче, Беким Сали, актуелниот министер Фатмир Меџити, од замениците Илир Хасани и Маја Манолева, од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова и актуелната, Рената Младеновска, како и од поранешниот организационен директор на Клиниката, Нехат Нухи.