Пред споменикот на Скендербег во Скопје се одржа протест за поддршка на Абдулфета Алими, кој беше осуден на 7 години затвор како обвинет во случајот „27 април, кој потоа продолжи пред Кривичниот Суд.
„Нема правда нема мир“, „правдата не е пазар“, „да спасиш човек“, не значи дека си терорист“ беа некои од паролите кои ги извикуваа насобраните облечени во маици со ликот на Алими.
На демонстрантите им се приклучи и пратеникот Зијадин Села.
Бурим Алими, синот на Алими кој вчера го најави протестот изјави дека ако треба правдата ќе ја бараат и во Стразбур.
„Ние како семејство, како и пријателите на татко ми заедно ја презедовме оваа иницијатива и сакаме да докажеме дека татко ми е жртва на политички монтиран процес бидејќи тој на 27 април беше на задача и ги штитеше пратениците во Собранието. Во име на Иницијативниот одбор ги повикувам сите граѓани да ни се придружат на овој протестен марш, бидејќи не е само татко ми жртва на политички монтиран процес, туку има и многу други. Денес ми се случило на мене, утре на некој друг и затоа ве повикувам сите заедно утре да го кренеме гласот на разумот и да им кажеме стоп на сите политички монтирани процеси. Ние нема да застанеме и правдата, ако има потреба ќе ја бараме и во Стразбур”, изјави Бурим Алими.