Италија, Данска, Шпанија и Шведска им се придружија на сојузниците од ЕУ кои протераа руски дипломати поради војната во Украина, со што се протерани повеќе од 120 лица.

Протерувањето доаѓа во време на растечкиот меѓународниот гнев поради убиствата во градот Буча, во близина на Киев, каде што десетици тела беа пронајдени во масовни гробници или расфрлани по улиците во текот на викендот.

„Протеравме 30 руски дипломати поради национална безбедност“, изјави италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо, како што потврдија од Министерството во Рим.

Одлука за протерување на 25 дипломати и вработени во амбасадата на Русија донесе и Мадрид следува по сличните потези на Германија, Франција, Италија, Шведска и Данска.

Претходно, Данска соопшти дека протерува 15 руски „шпиони“ обвинети за шпионирање на нејзина територија.

Владата ја осуди, како што ја нарече, „руската бруталност против украинските цивили во Буча“. „Намерните напади врз цивили се воено злосторство“, се вели во извештајот.

Руските власти ги отфрлија наводите за убиства на цивили во Буча и на други места во близина на Киев, а Министерството за одбрана на земјата денеска соопшти дека тие биле инсценирани од Украина.