Столе Кракутовски, бизнисмен од Берово и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, го направи тоа што требаше и мораше некој друг да го стори. Една година по своето ветување дадено на панихидата во спомен на еден од основачите на Македонската револуционерна организација, Даме Груев, го обнови неговиот вечен дом во беровско Русиново.
„Ова е мал чекор во поттикнување на државните и локални функционери дел од средствата што ги земаат од Македонија да ги наменат за зачувување и возобновување на македонските историски вредности“, ќе порача тој.
Ова не е пофално слово за Столе или за неговата партија. Можеше да биде кој било друг од некоја сосем трета политичка организација или само обичен смртник, свесен за своите корени и за великаните на својот народ.
Секоја чест за Кракутовски, но неговиот гест зборува за нешто сосем друго. И тоа крајно поразително. Не можејќи да ја поднесе незаинтересираноста на институциите за човекот познат како апостол и волја на револуционерна Македонија, според своето дело речиси рамен на Гоце Делчев, што впрочем и му го донесе местото до неговиот споменик на плоштадот „Македонија“ во Скопје, некој мораше да им даде личен пример. Од својот џеб да финансира, да организира и да спроведе нешто што е во нивна ингеренција.
„Срамота е луѓеее!“, би извикал оној што си зеде слобода да го потпише срамот од Нивици. Па, за кого постојат органите надлежни за подигање паметници на заслужни личности за овој народ? Што прават по тоа канцелариите додека, очигледно, само клатат врата и земаат плата?
Еден од оние што се споменува и во македонската химна, покрај Делчев, Питу Гули и Јане Сандански, во судир со турскиот аскер не загина вчера, туку во 1906 година. Како е можно цели 117 години да чека даскалот од Смилево за достојно обележје на местото на неговата жртва на олтарот на Македонија?!
И додека тие што ја сакаат оваа земја и што ги почитуваат нејзините херои се исчудуваат, како печурки по дожд, и тоа со општински пари, никнуваат разно-разни статуи, споменици, мавзолеи и табли со имиња на училишта и на улици на некои што пред само дваесетина години пукаа врз македонски војници и полицајци?! Наместо да реагира, државата против која „овековечените“ се кренаа на оружје со неподнослива леснотија го игнорира тоа, а за тие што тогаш ја бранеа и притоа загинаа не може да сочува ни мизерно табличе со нивните имиња на автопат меѓу две одбележувања годишнини. А, како капак на понижувањето, министерка што имаше храброст да му „за’ржи“ на Путин „моли“ градоначалник на село да овозможел поставување споменик!
Држава со ваков однос кон минатото и тоа како треба да се загрижи за својата иднина.