Прославата на Рамковниот договор поскапа од сервисот на приземјените Канадери

Сервисот на авионите за гаснење пожар кои не се во функција чини 100 илјади евра помалку од тоа што владата ќе го потроши за прослава на Рамковниот договор само годинава.

Македонија втора година по ред чека сервис за своите три воздухоплови „канадери“, наменети за гаснење на огновите во тешко достапните терени во земјата.

Популарно наречените „ер трактори“ беа набавени во 2010 година, но тие, за жал, во моментов се приземјени на аеродромските писти, а причина за тоа се нивното сервисирање и одржување.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), во изјава за „Нова Македонија“ објаснуваат дека во моментов сѐ уште е во тек јавната постапка за сервис на „канадерите“ и оттаму додаваат дека се надеваат дека во наредниот период до почетокот на критичните месеци, кога во суштина има најмногу пожари, авионите ќе бидат ставени повторно во функцијата за која се наменети.

Од дирекцијата информираат дека леталата треба да се сервисираат во странство, со финансии што се поголеми од буџетските средства со кои располага дирекцијата.

Тие информираат дека во април годинава е распишан тендер за поправка и сервисирање на авионите, а проценетата вредност за реализација на оваа набавка изнесува 25 милиони денари (околу 400 илјади евра) со вклучен ДДВ.

Дека канадерите не се во функција за МКД.мк потврдува и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути. Трите канадери што имаат капацитет да наполнат повеќе од 3 тони вода се во надлежност на ДЗС, но нема фирма што е овластена за да им направи сервис и да може тие да се вивнат и да бидат во функција тогаш кога најмногу се потребни.

„Моментално не ни се сервисирани, односно уште од лани не се сервисирани. За нив нема направено сервис ни во 2021 година. Во процедура сме, ги имаме покането операторите да учествуваат и наредната недела треба да имаме средба со нив. Мислам дека до крајот на следната недела треба да избереме оператор што ќе ги сервисира. Сите три „ер трактори“ се приземјени и не смее да се лета со нив додека не се заврши сервисирањето. Последен пат се употребени во 2019 година, и тоа многу малку, бидејќи во таа година немаше толку голем интензитет на пожари. Оваа година можеби два до три пати ќе требаше да ги употребиме. Ова е многу скапа инвестиција и не е за секој пожар“, вели директорот на ДЗС за мкд.мк.

Според официјалните информации во последниве 5 години Македонија претрпела штета од над 56 милиони евра поради пожари.

Засега нема информација зошто владата не обезбедила 400 илјади евра уште полани за Канадерите да бидат спремни да гаснат сериозни пожари од кои Македонија трпи десетици милиони евра штети.