Прославата на АСНОМ да се префрли од Пелинце во Црвена Вода, Дебарца

Одбележувањето на АСНОМ со сите манифестации, да се префрлaт од голата ливада во Пелинце, во изворот на настанувањето на македонската држава и државност, во Црвена Вода во општината Дебрца, бараат од општината и од Сојузот на борците од НОВ и антифашистичката револуција.

Говорејќи на собирот во селото Црвена Вода, посветен на одбележувањето на 75 годишнината од Издавањето на Манифестот до Македонскиот народ, во 1943 година, претседателот на боречката организација и градоначалникот на Дебарца, Никола Стојаноски и Зоран Ногачески истакнаа дека по своето значење, Манифестот се споредува со Крушевскиот манифест од 1903 година и Манифестот на Првото заседание на АСНОМ, од август 1944 година.

„Тука во Црвена Вода се донесоа пресвртни одлуки за Македонија. Манифестот на Главниот штаб на чело со генералот Михајло Апостолски, ја претставува Платформата на НОБ и македонската државност на Македонија и што е најважно, тој Манифест го потпишуваат сите членови на Главниот штаб“, посочија тие.

Таму е издаден првиот печатен документ на македонски јазик, во тогашната партизанска печатница “Гоце Делчев”, формиран е Иницијативниот одбор за АСНОМ, извршен е изборот на делегатите за заседанието на АВНОЈ. Еден од покрупните настани е и формирањето на батаљонот “Мирче Ацев”, првата регуларна воена единица, во август 1943, што веќе се одбележува како ден на АРМ.