Пропаѓа планот за заеднички листи СДСМ-ДУИ, анкетите поразителни за Заев и Ахмети

Пропаѓа планот кој го сугерираат странски приватни консултанти според кој СДСМ и ДУИ на наредните парламентарни избори треба да одат со заеднички пратенички листи за да можат повторно да дојдат до 61 пратеник за старо нова влада.

Причините за извесната пропаст на овој план се повеќе.

Прво, според добро информирани извори во владеачките партии висок државен функционер од ДУИ кој бил кандидат за носител на една изборна единица (Во ИЕ 2 или во ИЕ 6) демонстративно ја одбил идејата за заеднички листи.

Неговото формално образложение е дека загинатите членови на ОНА во 2001 не би се согласиле со овој чекор се додека Албанците не бидат целосно рамноправни со Македонците.

Втората причина е стравот кај ДУИ дека партијата ќе се претопи во СДСМ која се поагресивно настапува кај албанскиот електорат за што на претседателските избори имало конфликти во повеќе региони со доминантно албанско население.

Третата и најважна причина за пропаст на планот кој користејќи го Донтовиот модел пред една година на СДСМ и ДУИ можеше да им донесе и 70 пратеници се анкетите.

Повеќе истражувања на јавното мислење покажуваат драматичен пад на рејтингот на двете владеачки партии.

На некои од анкетите СДСМ и ДУИ заедно водат пред ВМРО-ДПМНЕ со околу 1 % а на некои за прв пат во историјата заедно губат со 0,8 % во корист на партијата на Мицкоски.

Постојаните скандали и афери во кои се инволвирани функционери на СДСМ систематски го урива рејтингот на партијата која сега може да смета на најмногу до 280 илјади гласови ако деновиве има избори.

Од друга страна аудио бомбите на Ел Чека придонесуваат ДУИ да загуби најмалку 1/4 од своите поддржувачи кои се приклонуваат на Села и Касами.

Погоре наведените бројки се причина за необјавување на анкети од страна на власта затоа што освен еден таканаречен Институт со седиште во Љубљана сите други релевантни истражувачи на јавно мислење одбиваат да фингираат анкети надвор од статистичката грешка со цел да прикажат дека власта е во убедливо водство.

И СДСМ и ДУИ се надеваат дека катастрофалниот тренд на анкетите може да се спречи со добивање датум за преговори до крајот на годинава и со влезот во НАТО но анкетите не покажуваат дека тоа е реално затоа што овие две теми се веќе апсолвирани кај граѓаните.

На врвот на очекувањата на граѓаните се подобар стандард, повисоки плати, запирање на корупцијата и неселективно казнување на сите фатени во криминал, чист воздух, реални вработувања… прашања за кои Владата не може да најде решение на краток рок.

Според планот на западни консултанти во распределбата на пратенички места односно добитни позиции кој би бил по формулата 1/3 за ДУИ а 2/3 за СДСМ Ахмети требало да добие 20 пратеници а Заев најмалку 40 во новото Собрание.

Според последните трендови кај ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и БЕСА, Заев и Ахмети не можат да се надеваат на повеќе од 50 пратеници заедно ако утре има избори. Оваа бројка е само ако одат заедно, ако имаат посебни листи бројката е уште пониска.

Колкава ќе биде бројката на пратеници на власта кога министер за внатрешни работи нема да биде кадар на СДСМ а заненикот од ДУИ може само да се нагаѓа.