Промоција на романот „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков во Битола

На 13 октомври (четврток), со почеток во 18 часот, во кафулето „Порта џез“ во Битола, ќе се одржи промоција на наградуваниот роман „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја освои наградата „Пегаз“ за 2021 година и е добитник на годинашнoто „Рациново признание“.
Промоторка на романот ќе биде писателката Фросина Пармаковска, добитничка на наградата Роман на годината за 2017 година, а ќе се обрати и писателот Русјаков.

„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на ХХ век), судбините на Мустафа и Елени се прикажани преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.

Престојувајќи во бизарен хотел што асоцира на задгробниот свет, но во соба со поглед на Битола, Мустафа Кемал Ататурк понира во фантазмагоричниот свет на спомените и соништата, во кој на еден непредвидлив начин се мешаат сликите од минатото и од интимната историја на протагонистите. Приказната за Мустафа и Елени е раскажана оригинално, преку калеидоскоп од сугестивни сцени, впечатливи прозни пасажи и вешто водени дијалози. Овој роман проблематизира и низа историски моменти и ликови, видени од специфичната призма на авторот, која е оригинална, темелна и извонредно визуелно ефектна. Светот што овој роман ни го претставува е раскошен, слоевит свет што ги обединува пределите на сонот и јавето, животот и смртта, историската реалност и фикцијата. Раскрстувајќи со секаква типичност, типизираност и клишеизираност, „Хотел меѓу две војни“ одново ги создава личните и историските вистини, играјќи си и постојано поместувајќи ги силните противречности помеѓу она што било и она што би можело да биде; помеѓу големите и малите; Истокот и Западот; слободните избори и детерминираните улоги. Меѓу другото, ова е и роман што нуди уникатно ѕирнување во комплексниот свет на една од најинтересните историски личности, секако низ безграничните можности на фикцијата и авторовата имагинација.

„Хотел меѓу две војни“ триумфира на третото издание на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман на годината, што е во организација на издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата „Славко Јаневски“. Книгата беше промовирана на свеченост во Младинскиот културен центар во Скопје, во март оваа година. Во издание на „Арс Ламина“, покрај „Хотел меѓу две војни“, од Александар Русјаков се и книгите „Курвински хроники“ и „Албино трип“.

Романот „Хотел меѓу две војни“ е достапен во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk, а ќе може да се набави и на промотивниот настан во „Порта џез“.