Пишува: Свето Тоевски
Сите албански политички партии во Македонија, и од опозицијата и оние што се дел од владината коалиција, не се стремат само кон отстранување на уставниот цензус од 20 проценти за употребата на албанскиот јазик. На 29 декември 2016 година во Тирана лидерот на ДУИ Али Ахмети заедно со претставниците на ”Коалицијата Преродба со БЕСА” и на Алијансата за Албанците ја потпишаа заедничката „Тиранска платформа“, под покровителство на Албанија и Косово. Taa „Тиранска платформа“ е севкупна политичка програма за дејствување на албанскиот политички чинител во насока на албанизација, или да се каже „поумерено“, кон „приспособување на државата кон барањата, интересите и потребите на албанската државотворна нација во Македонија“.
Сегашното барање за отстранување на 20-процентниот цензус околу употребата на албанскиот јазик е само дел од целта во поглед на албанскиот јазик, која е целосно формулирана во „Тиранската платформа“: „Постигнување целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик на сите рамништа на власта и гаранција за неговата примена како темелно и уставно право. Уставот треба да утврди дека ‘македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и албанскиот јазик со неговото писмо се официјални јазици во Република Македонија’.
Македонскиот јазик не е само главен јазик на општествената комуникација во Македонија, туку, како единствен официјален јазик во државата, претставува и маркер на државноста на македонскиот народ на целата територија на Македонија. Отворањето на Уставот заради промена на уставната позиција на албанскиот јазик и негово прогласување како еден од двата официјални јазика во државата ќе претставува „удирање уставен печат“ на конечното јазично, а потоа следувателно и на политичкото расцепување на територијата на државата на два дела, на два кантона: западен „албаноговорен“ и источен „македоноговорен“. Два официјални јазика, два кантона.
Главната цел, кон која се стремат обединето албанските партии во Македонија во своето барање да се отвори Уставот, не е само уставниот третман на нивниот јазик, туку, пред се, прогласувањето на „албанската државотворна нација“. Во точка еден од „Тиранската платформа“ стои: „Правилно спроведување на принципот на мултиетничноста во Уставот на РМ, каде што Албанците се сметаат како државотворна нација…“ Секоја „државотворна нација“ има право да си ја прогласи својата држава на својот дел на односната територија.
Земајќи ги предвид и овие цели на „Тиранската платформа“, од која поправо значителен, или поголем дел е веќе остварен, треба и лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски да ги осмислува своите сегашни и претстојни политички активности. Тој ја искажа својата подготвеност да отворање на Уставот, заради „отстранување на условот 20 отсто за употребата на албанскиот јазик од Уставот“, под услов „само ако се разговара и за бришење на бадинтеровиот принцип, но и за врамнотежувачот (балансерот).“
Но, повторното отворањето на Уставот би значело овојпат отворање на „Пандорината кутија“ со безброј најсмртоносни последици за Македонија како држава и за Македонците како народ! Тоа отворање би го означило почетокот и на формалниот распад на засега се уште барем формално унитарната држава Македонија на двата споменати дела. Целосна бесмислица и политичка лакрдија со оваа држава би претставувало отворањето на нејзиниот Устав, заради внесување на минорната бројка од само 3504 официјално попишани Бугари во уставната преамбула како „бугарско национално малцинство во Македонија“.
Но, официјална Софија инсистира не случајно во Уставот да се впише не „бугарското малцинство“, туку „државотворните македонски Бугари“! Еве ја таа најсмртоносна опасност за оваа држава: во неа ќе има место само за „албанската државотворна нација“ и „бугарската државотворна нација“, а единствената државотворна, македонската нација ќе биде избришана!
По вакви „уставни државотворни прекројки“ само би било прашање на време кога би уследиле: (1) активирање на „резултатите“ од „референдумот за политичко-територијалната автономија на Албанците во Западна Македонија“ од 1991, со кој веќе беше прогласена „Автономната Република Илирида“ и (2) одржување „референдум на бугарската државотворна нација“, според урнекот на „Доњецката и Луганската Република, како и Херсонската и Запорошката област“, кои Русија веќе ги припои кон својата територија. Потоа Албанија, или Косово ќе можат да го припојат својот „албански дел“ од македонската територија, а Бугарија својот „бугарски дел“.
Затоа, ниеден македонски политичар, ниедна македонска политичка партија и ниеден македонски партиски лидер не смее ниту да помисли на можноста на отворање на македонскиот Устав во овој момент, по ниедна цена! А камоли да се согласи со тоа! Ниеден пратеник-Македонец во Собранието, посебно не од ВМРО ДПМНЕ, не би смеел да гласа за отворање на Уставот, а камоли за какви било негови вакви, или слични промени, за да се „вдоми“ во него „бугарската државотворност“, а со неа и „албанската државотворност“, во име на „отпочнувањето на преговорите со ЕУ“.
Ниеден Македонец никогаш не смее да ја погази македонската револуционерна борба за слобода и за создавање самостојна македонска држава, која македонскиот народ ја крена на ново, повисоко рамниште со формирањето на Македонската револуционерна организација во Солун пред 129 години. Преку Крушевската Република и Илинден во 1903 година, потоа преку НОБ и АСНОМ во 1944 година и преку референдумот за независност од 8 септември 1991 годината македонската револуционерна борба доведе до создавањето на современата македонска држава.
Но, со промената на Уставот и прогласувањето на „с.Македонија“ оваа македонска држава под името Република Македонија ја нема повеќе. Токму тоа и само тоа мора да биде првата и најважна цел на можно идно отворање на Уставот: за бришење на „северна“, да се возобнови Република Македонија, со што ќе продолжи македонската борба за сопствена држава и во оваа 2022 година.
Пресудата на Управниот суд против забраната на терминот „Македонија“ мора да се земе како прв официјален чекор во активностите, кои ќе завршат со уставно уривање на „Преспанскиот договор“ и на лажнодржавната творба „северна“. Но и на ваква промена на Уставот мора да и претходи првин обид за постигнување заеднички договор на релевантните политички партии во Македонија.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски изнесе исклучително важна заложба: „договор за Македонија“, но таквиот договор би морал да биде исклучиво во врска со возобновување на Република Македонија и дефинирањето на натамошните правци на нејзиниот опстој и развој. Никако не договор за ново „распарталување“ на Уставот по диктат на бугарските „санстефански“ барања и за натамошно спроведување на „Тиранската платформа“.
Меѓутоа, може да се претпостави каков би бил ставот на албанските и други партии кон намерата за елиминирање на „северна“ и за отворање на Уставот првин само заради тоа. Не би кажал сиот албански етникум во целина, но неговите првенци и воени формации повеќепати во поблиската историја се бореле против Македонците и нивните напори за создавање своја национална држава. Значи, во периодот што следи клучно е прашањето: како ќе се постават Албанците во врска со легитимните напори на македонската нација да ја круниса својата револуционерна борба за ослободување и за создавање на својата држава?
Тоа е тој „Договор за Македонија“, кој би требало да се постигне околу Македонија, како резултат на приклучувањето на сите етникуми кон возобновувањето на Република Македонија како држава, која ќе претставува оптимална комбинација на национална држава со сите елементи и на граѓанска држава во конкретното функционирање на политичкиот систем, со еднаквост на сите пред законот и без никаква супремација на кого било врз основа на етничката припадност.
Но, ако не бидат испочитувани овие стремежи на Македонците, ако тие не наидат на согласност за утврдување на заедничката иднина, тогаш ним ќе им преостане самите да пристапат кон повторното конституирање на својата држава, соочувајќи се со сите можни опасности и неизвесности во тој процес. Бугарскиот, албанскиот и секој друг народ на Балканот, па и во Европа и во светот, имаат своја национална држава, ја имаше и македонскиот народ, но тоа право му беше одземено.
Многувековен идеал на македонскиот народ бил и останува да ја има својата национална држава Македонија. Македонската борба за слобода и за своја држава не запреа, тие продолжуваат и многубројните жртви низ историјата бараат од оваа македонска генерација да ја исполни таа цел.
Секому мора да му биде јасно дека и Европската Унија со сите свои активности веќе потврди каков став (ќе) има кон стремежот на македонскиот народ за својата државност, застанувајќи зад Грција и „Преспанскиот договор“ и зад Бугарија и „Бугарскиот договор“. Доаѓањето на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен со нејзиниот „економско-енергетски пакет“ за Македонија е перфиден притисок кон неа да попушти во спротивставувањето кон отворањето на својот Устав, на штета на македонскиот народ и во директна корист на Бугарија.
Европската Унија не би дала свои гаранции дека дека „внесувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последно барање“, бидејќи таа стои целосно зад уцените и хегемонистичката политика на Бугарија кон Македонија. Таквите гаранции не се ни потребни за Македонците, туку тие треба да си дадат самите на себе гаранција дека ќе продолжат по патот, кој го трасираа шестемина основачи на Македонската револуционерна организација: Даме Груев, Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Андон Димитров и Христо Батанџиев.
Потребен е стратегиски поглед на македонските политички лидери и на сите македонски патриоти кон иднината и осознавање дека илузијата наречена „евроинтеграција“ е скршена на парчиња. ЕУ доживува силни превирања во својата внатрешна структура, не случајно таа се дели на прва и втора европска лига. Не случајно водечки политички европски личности ја критикуваат ЕУ дека сака да се претвори во федерација од типот на „Соединети Европски држави“, во која државите-членки ќе ги загубат целосно својата внатрешна и надворешна сувереност. Не е случајно и тоа што цели ЕУ-држави и откажуваат послушност на ЕУ-централата во Брисел.
Затоа, во радикални времиња потребни се и радикални одлуки: време е партиите, кои ќе го преземат кормилото на Македонија, да ги замрзнат односите со ЕУ, се додека таа не ја заврши својата внатрешна преобразба. Никој нека не се занесува со временски рокови од 2030 година, или кога би можела Македонија, наводно, да влезе во ЕУ. Многу е реално тогаш ЕУ веќе и да биде распадната! Затоа, не гибајте го Уставот, за да не се распадне Македонија многу побргу! Не отворајте ја „уставната Пандорина кутија“, смртоносна за Македонија, туку отворете ја нејзината македонска иднина!