Подготвил: Свето Тоевски

„До македонскиот народ под Грција: „Браќа Македонци, еден од најизмачените народи во светот е нашиот. Шес векои чекаме да си сдобиеме слободата, шес векои со пушката во рака учествуваме во сите војни или заедно со други поробени народи или сами, за да скиниме синџирите на робијата ни, и да скршиме тешките пранги, шо не остават да станиме и ние като сиот друг свет… МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ИМА ПРАВО КАКО СЕКОЈ ДРУГ НАРОД НА СВОЕТО САМООПРЕДЕЛЕНИЕ. НИКОЈ НЕМА ПРАВО ДА МУ ПРЕЧИ НА ТОА.“ – ова е дел од Прогласот на политичкото тело именувано како Привремена политичка комисија на Македонците под Грција, кој е објавен на денешен ден, на 12 ноември во 1944 година.

Се осмелуваат да зборуваат за македонско малцинство во Грција?!“

Споменатиот Проглас како исклучително важен историски документ, но и конституирањето на таа Привремена политичка комисија на Македонците под Грција, се уште еден дел од океанот неспорни факти за постоењето на македонскиот народ во Егејскиот дел на Македонија, во Грција. Но, по 79 години „демократското“ патриотско движење Ники (Победа), партија со 10 пратеници од вкупно 300 во парламентот на Грција, се огласува, деновиве, со барања да се  реактивира ветото за Македонија во ЕУ и да се раскине Преспанскиот договор, поради тоа што во „соседната држава се осмелуваат да зборуваат за македонско малцинство во Грција“?!

Денес, на 79-тата годишнина од овој своевиден „Воен манифест“ за борбата на македонската нација во Егејска Македонија за својата национална слобода и македонското идентитетско самоопределување, потсетуваме на уште неколку суштински важни делови од „Прогласот“: „Црниот јарем на грцкио фашизам беше оште потежок и од турцкиот. Многу коски на нашите браќа посипаја грцките острови. … Требаше да се бориме за слободата ни, или да не постоиме во овој свет. Со полна вера и надежда оти не ке не остават другарите ни Грци од ЕЛАС да се склизниме пак во старата робска келија, влеговме во борбата и три години водевме заедничка борба за истата кауза – да истераме окупаторот и да добиеме правото на самоопределение согласно со Атланската карта.“

Сакаме самите да си ја решиме судбината

„После тригодишната борба не ни се даде правото за самоопределение… НИЕ ГО ЗАСЛУЖИВМЕ ТОА ПРАВО СО ТРИГОДИШНАТА ВОЈНА, НИЕ ГО ИЗВОЈУВАВМЕ НАШЕТО ПРАВО. Ние браќа Македонци, не бараме појке от колку заслуживме. Сакаме самите да си ја решиме судбината… “ (Преземено од „Македонска нација“, 13.11.2013 / ДАРМ.Збирка Егејска Македонија во НОБ, ае 271).

Прогласот на Привремената политичка комисија на Македонците под Грција се надоврзува и на Меморандумот за независноста на Македонија, кој го испратило Македонското научно – литературно другарство на 12 ноември 1902 година до Руската влада и до Советот на Санктпетербуршкото словенско благотворно братство. Ова претставува прва национална програма, во која се бара признавање на Македонците како посебна нација со посебен македонски јазик и култура, со своја црква, во границите на Турција.  

Врз основа на овој Меморандум по 11 години бил составен од членови на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург на 1 март 1913 година и Меморандум за независност на Македонија (на француски: Mémorandum consérnant l’indépendance de la Macédoine) – документ, со кој се бара признавање и доделување независност на интегралниот етнојазичен и географско-историски регион Македонија. Овој документ бил испратен до британскиот министер за надворешни работи Едвард Греј, до амбасадорите на големите сили при дворот во Лондон и рускиот министер за надворешни работи. Меморандумот бил објавен во целост, или во делови во „Македонски глас“, во повеќе руски печатени весници и други весници во Европа.

Одамна ти тврдат дека твојот лик мора да се одразува во туѓото, а не во твоето животно огледало“

Во една од своите статии Димитрија Чуповски, како претседател на Македонското литературно-научно другарство, изнел дел од ставовите, врз чија основа се составени споменатите меморандуми. Тие ставови претставуваат вонвременско обраќање со несмалена актуелност и до денешниот Македонец во Република Македонија, во Егејска и Пиринска Македонија и насекаде каде што се наоѓа и каде што живее македонскиот народ: „Одамна, одамна ти тврдат тебе дека твојата душа – не е твоја, туку на твојот сосед, оти твојот лик мора да се одразува во туѓото, а не во твоето животно огледало. Кого од нас, Македонците, не нè уверувале дека сме ту Бугари, Срби или Грци! Наша должност и наша света обврска е да им изјавиме на браќата Руси, Бугари, Срби, Грци и на целиот свет дека ние сме одделен од нив словеномакедонски народ, кој нив ги сака со еднаква љубов!“ (Објавено во  статијата „Македонското научно литературно другарство (1902‒1917) во основите на македонската академска култура“ на проф. д-р Билјана Ристовска-Јосифовска)

Оваа мисла на големиот Македонец и патриот Димитрија Чуповски, идеен содеец на Крсте Мисирков во борбата за македонската национална кауза, ја задржува својата несмалена актуелност и денес како вонвременско завештание до Македонецот, што треба да се оствари: македонската душа, оспорена дека воопшто постои како македонска, но и одземена со Бугарскиот и Преспанскиот договор, да му се врати кому му припаѓа на македонскиот народ. Македонецот да си го одразува секогаш својот македонски лик во своето македонско животно огледало, а не во бугарското, или грчкото животно огледало. Запазувајќи ја и „светата обврска да се изјави пред Бугарите, Србите, Грците и на целиот свет дека ние сме одделен од нив словеномакедонски народ“.