Владата вечерва официјално прогласи кризна состојба со што ја потврди вчерашната препорака од Советот за безбедност кој се состана кај претседателот Пендаровски , дознава ТВ21 од владини извори.

Владата ќе му предложи на Претседателот на Република Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба.

Владата заклучи, Главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да започне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на заразната болест КОВИД-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.

Владата донесе заклучок и Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба.