Пишува Проф. Др. Далибор Јовановски
Последниот развој на настаните поврзан со преговорите помеѓу нашата и атинската влада во врска со грчкото неприфаќање на нашето име е мошне интересен.
За првпат по подолго време, со храбриот и ризичен предлог на македонската влада за решавање на долгогодишниот спор, топката краткотрајно беше префрлена во комшискиот двор.
По наводно првичната согласност на Ципрас за решавање на проблемот, забележавме негово повлекување и остра реакција на грчката опозиција. Лидерот на Неа Димократија и најверојатно идниот грчки премиер, Киријакос Моцотакис, без двоумење го отфрли македонскиот предлог за решавање на спорот, преку користење на името Република Илинденска Македонија, објаснувајќи дека тоа е иредентистички, бидејќи со востанието од 1903 година се целело создавање на „македонска“ нација и држава со главен град Солун. Слични беа реакциите и на останатите грчки парламентарни политички партии.
Ципрас мораше да се повлече, но за повлекувањето да не биде без победа, неговата влада изрази големо задоволство заради прифаќањето на владата во Скопје, решенито на спорот да биде со erga omnes, односно име за севкупна употреба – внатре и надвор.
Па, владата во Скопје мораше да објаснува дека тоа се однесувало само за овој македонски предлог. Ципрас не испадна фер кон нашиот премиер, но кога се во прашање одбрана на националните интереси не може да се очекува фер однос.
Зошто грчките политички партии го одбија предлогот на нашата влада, под претекст дека зад истиот се крие иредентизам, омилен збор на Атина кога е во прашање Република Македонија. Кога ќе се види минатото, особено односот на Грција кон Илинденското востание, работите стануваат повеќе од јасни.
Почетокот на Илинденското востание во Атина не предизвикало изненадување. Ако ги читате дипломатските извештаи, написите во дневните листови, но и концентрацијата на османлиската војска, повеќе од јасно било дека во Македонија се очекувало востание. Тоа што можеби претставувало изненадување за Грција, било учеството на дел од патријаршиското население во османлиска Македонија во востанието, а тоа од страна на Атина било сметано за грчко. Ова посебно се однесува за регионот околу Клисура и Кокстур.
Од самиот почеток на востанието, владата во Атина била солидарна со османлиските власти. Во грчките весници се давала поддршка на османлиските воени операции против, како што било пишувано, бугарските активности во Македонија, која била сметана за историска грчка земја, нешто што и денес може да го забележиме. Македонските револуционери и бунтовници биле сметани за бугарски, а самото востание било толкувано како обид за припојување на Македонија кон Бугарија.
Тогашниот грчки премиер Ралис бил во постојан контакт со османлискиот амбасадор во Атина. Грција ја понудила и својата воена морнарица. Офицери на грчката армија се пријавувале како доброволци за борба против востаниците.
Интересно е да се забележи дека тие навистина ја знаеле силата на османлиската армија, имајќи го предвид нивното лично искуство во Грчко – османлиската војна од 1897 година, која завршила со огромна турска победа. Османлиите, нормално, ја одбиле оваа понуда.
Премиерот Ралис, исто така, постојано се сретнувал со амбасадорите на Големите сили во грчката престолнина изложувајќи ги погледите на неговата влада за востанието. Тој не се двоумел да ги обвинува востаниците за насилни акти против грчкото население во Македонија. Во Грција не се криело дека се размислува за вооружување на патријаршиското население во областа со цел истото да се заштити. Тоа дури го предложил и самиот грчки премиер.
Инаку во целиот хаос кој се случувал во Македонија за време на востанието, Грција не криела дека била расположена, доколку има потреба од автономија, да предложи и гувернер во Македонија, бидејќи, како што се изразил Спиридон Левидис, грчки дипломат во Париз, најголемиот дел од населението во оваа лбласт го сочинувале Грците.
Но, активностите на османлиските сили во Македонија го засегнале и патријаршиското население. Затоа и владата во Атина морала да се прилагоди на новата состојба. Ова особено се однесувало на заземањето на Крушево кога настрадал делот населен со влашко население, кое Грците и денес го сметаат за дел од грчкиот народ. Премиерот жестоко реагирал кај османлискиот амбасадор, барајќи казнување на виновниците за палењето на градот, поточно на „грчкиот“ дел од Крушево.
Владата во Атина, исто така, во овој период жестоко реагирала и на секој искажан став во странство во поглед на настаните во Македонија. Така, лордот Балфур во својот говор во британскиот парламент околу страдањето на населението, забележал дека само мал дел од истото било грчко. Заради вистината, тука ќе споменеме дека Балфур поголемиот дел од населението во Македонија, го сметал за бугарско. Грчката реакција на неговиот говор била жестока. На негова сметка излегле и потсмевливи карикатури во грчките весници.
Во Грција, за време на Илинденското востание, немало место за мислења кои не биле во склад со официјалната политика. Во градот Патрас бил одржан мал митинг на кој бил побарано создавање на македонска држава. Иако митингот не бил голем и немал некоја политичка тежина, реакцијата била жестока. Учесниците на митингот биле прогласени за малоумни.
Всушност во Грција, на востанието се гледало како на опасност по грчките национални интереси. Македонија, поточно поголемиот дел од неа бил сметан како неодвоив дел од грчката историја, култура и традиција и истиот бил сметан како дел од идната голема грчка држава.
На востанието се гледало како на груба бугарска провокација. За подруго мислење немало место во тој момент. Сепак, треба да се напомене дека една година подоцна, грчкиот дипломат Цорбаѕоглу забележал дека револуцијата во македонија не била бугарска, а грцизмот не само што немал штета од иста, туку и имал одредена корист.
Денес во Грција, преовладува ставот дека востанието било бугарско, иако има и подруги размислувања. Во еден грчки учебник по историја, во делот посветен на балканските национални движења е напишано дека во 1893 година во Солун од страна на Бугарите била формирана ВМРО, која во 1903 година го кренала Илинденското востание. Така учи грчката младина.
Сега, можеби, е појасно зошто Илинденска Македонија не пројде кај грчката опозиција без која нема ратификација на евентуалниот договор. Не пројде и кај Ципрас.
П.С.
Ги читам последните колумни на Героски, Момироски, изјавите на професорот Милчин, професорот Росоклија, но и на многу други. Секаде ја читам реалноста, која е кристално јасна. Ајде малку да оладиме со преговорите, да ја направиме Македонија силна и функционална држава. Потоа полесно ќе биде. За се има алтернатива, освен за смртта.