Проева: Нека отидат да го слават „Бугаринот“ Гоце во Кукуш, таму нека кажат дека е роден во „бугарска земја“!

„Негирањата на Бугарија дека македонскиот јазик бил бугарски дијалект и оти Македонците требало да се освестат и да станат ‘добри Б’лгари’ се во непосреден сооднос со барањето за менување на името Македонија на нашата држава. Тие негирања претставуваат усогласен грчко-бугарски сон за укинување на Македонија со нејзино делење: ние, ‘неосвестениве Бугари’ да се приклучиме на Бугарија, а најзападниот дел на Албанија.“ – вели д-р Наде Проева, историчарка и универзитетска професорка, во својата колумна со наслов „„Бугарска копија на грчкото однесување“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Проева пишува: Сегашново однесување на Бугарија беше најавено на крајот од наметнатите преговори со Грција за името Македонија на нашата држава, кога Бугарија се противеше на додавката „северна“ со образложение дека таквото име го опфаќа и пиринскиот дел на Македонија, та, според тоа, имало територијални претензии исто како што за јужниот сосед имало името Македонија!?! Во својата преголема желба да докаже дека Македонците се Бугари, користејќи го своето членство во ЕУ, Бугарија ја уцени и Албанија, за да признае божемно бугарско малцинство таму и сега не е јасно како тогаш ќе се откаже од најзападниот дел на „втората бугарска држава“!?!

Сервилноста и неспособноста на нашите политичари, кои ги газат и се пазарат со најсветите белези на македонскиот народ и држава, ја користат бугарските политичари, и со негирањето на македонската самобитност и на нивната фашистичка улога во Македонија, се чаталат не само на домашната, туку се осилија и на меѓународната сцена – што е во сооднос со западноевропскиот тренд на „заборавање“ на нивното фашистичко минато со туркање под черга. ЕУ премолчено ги одобрува ваквите постапки, како и т.н. културни клубови со имиња на фашистички ликови од Бугарија, што Бугарија почна засилено да ги отвора во нашава држава.

По несоодветното постапување на нашите сервилни и поткупливи политичари буквално зачести бугарското дивеење. Така на настан за одбележување на денот на убиството на тетовската „Бугарка“ Мара Бунева, среде главниот град на Македонија се вееше знаме на туѓа држава со слоган дека „Македонија е бугарска“ и од еден европратеник и копретседател на политичка партија во Бугарија (ВМРО-БНД) – Ангел Џамбаски, придружен од членови на бугарската фондација „Македонија“. Тоа беше проследено со скандалозен молк од државните органи и со понижувачко однесување од нашите политичари, кои го омаловажуваа и го потценуваа таквото однесување.

Со такво недржавничко однесување, не водејќи сметка за македонските национални и државни интереси, туку првенствено за личните, нашите политичари го охрабруваат бугарското однесување. Така, за денот на раѓањето на Гоце Делчев од бугарската фондација „Македонија“ се подготвува доаѓање стотици бугарски граѓани со изјави на истиот бугарски европратеник дека ќе им сечел раце на Македонците, дека Бугарите ќе ја земеле работата во свои раце, ќе се врателе на старите навики на организацијата (очигледно на врховистичката ВМРО). Македонците од земјава, како и од соседните земји се подготвуваат да го чуваат гробот на Гоце од насилници и на европратеникот нема да му дозволат да се доближи до црквата „Св. Спас“, каде што почиваат моштите на Гоце.

Ама затоа не им текнува дека Гоце Делчев е роден во егејскиот дел на Македонија, којшто го приграби Грција, та ако толку сакаат да го слават „Бугаринот“ Гоце, треба да одат во Кукуш, кај што е роден Гоце, па таму нека се чаталат ако имаат храброст. И ако смеат, таму нека кажат на чија земја, т.е. во каква Македонија (бугарска?) е роден Гоце, па нека видат како ќе си поминат. Или можеби Бугарија и Грција ќе ни покажат како се чествуваат историски личности на европски начин!