Проблеми со фингерпринт апаратите но гласањето се одвива без поголем проблем

Уредите за биометриска идентификација на гласачите не функционираат беспрекорно, како што се очекуваше но граѓаните не се откажуваат , стрпливо чекаат да гласаат.

На повеќе гласачки места во Битола има редици гласачи кои чекаат да дојдат на ред за гласање, бидејќи има проблеми со уредите за отпечаток од прст.

„Чекаме веќе 15 минути за да дојдеме на ред, гласањето трае побавно од изминатите циклуси поради проблеми со уредите за биометриска идентификација. Во ходниците се прават редици. Досега никој не е вратен од гласање, само што треба стрпливост и да се почека“, вели гласач од Битола, пренесува СДК.

На социјалните мрежи се актуелни поплаки од гласачи кои сведочат за своите негативни искуства. Еден од нив е и познатиот уметник и графичар, Зоран Кардула, кој открива дека гласал со отпечаток на прст, пренесе Фокус.

„Гласав, но морам да напишам дека апаратите за идентификација „фингерпринт“ се чиста глупост и пари фрлени. Голем дел од гласачите не ги идентификува со отисок па дури и со користење на лична карта во самиот апарат како што беше и во мојот случај и на крај одобрено ми беше гласање со отисок од прст на самиот список. Така да пак ќе кажам огромни пари фрлени“, пишува Кардула.

Поради епидемиолошките протоколи во истовремено можат да гласаат само две лица, што го одолговлекува целиот процес на проверка, кој се спроведува со оставање на отпечаток на прст и со ставање на потпис во избирачкиот список.

Се случува гласачот да ја погреши просторијата за гласање. Изборната комисија сепак има обврска да ја повторува процедурата на фингерпринт-апаратите, за на крај да констатираа дека гласачот треба да гласа на друго избирачко место.

Проблем имаат и постарите лица на кои им е потребно повеќе време за да се снајдат со долгите списоци на кандидатите за совети и за градоначалници, што истотака го продолжува времето начекање за другите гласачи, пишува Скопско ехо.