Пркосот кон власта роди нова политичка партија – Демократски фронт

Со свое соопштение за медиумите и јавноста денеска се јави новиот политички субјект Демократски фронт – Пркос кој според неофицијалните информации е основан од луѓе кои што до неодамна биле блиски на СДСМ или на партии кои се во коалиција со партијата која ја контролира Зоран Заев.

Во продолжение целото соопштение на партијата:

Ние, Демократскиот Фронт, сме луѓе посветени на борбата за праведно општество и на јавниот интерес – за подобра економија, за правда и правдини, за подобро образование, здравство и култура, за труд, за човекови права и слободи.

Незадоволни од политичката и економската ситуација тргнуваме во формирање на политичка партија, затоа што сметаме дека за Македонија ова е „минута до дванаесет”.

Големата емиграција на млади луѓе, растечката нееднаквост и политичката корупција се трајно наследство од владејачките политички партии. Повеќе немаме волја, ниту време за политичари кои со години ги уништуваат општеството и државата и не нудат никаква визија.
Заслужуваме подобро!

Ние знаеме и можеме да ја направиме Македонија праведно и одржливо општество во кое сите ќе живеат добро. За разлика од постојните политички чинители, знаеме дека промените се можни само доколку ги вклучиме граѓаните во носењето на одлуките и во креирањето на нови политики во служба на јавниот интерес. Со долгогодишно искуство во борбата за пофер и подобра Македонија, одиме кон градење на широк политички фронт.

Ги покануваме сите граѓани да ни се придружат!

Свесни сме дека за повеќето македонски граѓани дејствувањето во рамките на политичките партии е одбивно, затоа, решивме да ги повикаме во фронт што не подразбира влез во партијата, а сепак дава можност да учествуваат и да одлучуваат за клучните политички прашања што ги претставуваме во јавноста.

За нас, партијата е инструмент преку кој можеме полесно да учествуваме во политичките процеси во кои правилата си ги изделкаа моќниците. Доколку сакате да ни се придружите или да волонтирате во нашата кампања, претставете ни се накратко на demokratskifrontprkos@gmail.com и ние ќе Ви се обратиме со информации за тоа како да се вклучите во работата на нашите локални групи.

Само заедно – со знаење, искуство и борбен дух ќе успееме. Ние знаеме како!

Иницијативен одбор за формирање на Демократски фронт