Директорот на еден од скопските приватни автобуски превозници „Слобода превоз“ Ленин Јовановски ги отфрла обвинувања од градоначалничката на Скопје со коментар дека „само болен во мозокот може да смисли вакви лаги“. Градоначалничката Данела Арсовска дќвчера ги обвини „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ дека продавале билети во автобусите, а парите не ги пријавувале туку си ги ставале в џеб.
Според Арсовска приватните превозници цели 5 години продавале билети во автобусите но парите не ги пријавувале.
„Приватните превозници, согласно член 5 од нивниот договор, имаат обврска продадените билети да ги потврдат со фискална сметка, и да ги валидираат во интегрираниот систем со ЈСП ‘Скопје’. Кога ќе го направат тоа, од вкупната сума која ЈСП ‘Скопје’ ја должи за извозен километар, се одбива сумата која од продадени билети ја оствариле приватните превозници. Имено, евидентно од аналитичките картички со кои е евидентирано финансиското работење кое произлегува од договорот со приватните превозници Макекспрес и Слобода Превоз, истите од 2017 година, се до овој момент немаат пријавено продажба на ниту еден билет во своите автобуси иако пријавувале дека возеле околу 400.000 километри месечно. Ова го пресметувале по едно евро за извозен километар, а потоа го фактурирале на ЈСП. Жалам што ќе ги разочарам, но, ниту јас, ниту градот Скопје, ниту ЈСП нема да бидеме сојузници во криминал кој траел од 2017 година“, рече Арсовска.
Јовановски се чуди на изјавата на Арсовска.
„Ние не продаваме билети. Кои пари да ги пријавиме кога немаме продажба ниту во автобусите, ниту имаме билетари. Не знам како сме ги продавале билетите, јас ли сум одел низ град и сум продавал карти за јавен превоз. Еве еден граѓанин нека се јави што купил билет во приватен автобус Само болен во мозокот може да смисли ваква лага. Ни беше понудено, но ние не прифативме да продаваме билети бидејќи не добивме фискални апарати од ЈСП. Ни беше речено кога ќе ги земеме билети да ги платиме за што ќе ни издадат фискална сметка и после да ги препродаваме. Но, ние тоа не го прифативме бидејќи сметав дека тоа не е според закон односно ние како крајни продавачи мора да издаваме фискални сметки“, вели Јовановски.
Во поддршка на приватните превозници се јави и поранешниот директор на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков кој вели ним им била понудена таква опција, да ги купат билетите од нив за што ќе им биде издадена фискална сметка, а потоа да ги препродаваат во нивните возила, но тоа не било прифатено од нивна страна.
Арсовска го ескалираше конфликот со превозниците откако вчера најави нов оглас за приватни превозници на кој може да конкурираат поединци ако ги исполнуваат условите кои ќе ги постави Градот.
Превозниците денеска ќе го блокираат Скопје во знак на протест на односот на Арсовска кон нив.