Приватните превозници на покана на градоначалничката Данела Арсовска, денеска во бараките на Град Скопје, ќе разговараат дали и како може да се надмине проблемот со заостанатиот долг на Градот кон нив, поради што тие веќе трет месец не возат.

Тие вчера се собраа во насделбата Ченто, на последна 23-ка, и групно се заблагодарија на поканата.

„Повикани сме официјално на средба. Ние приватните превозници ќе одиме во Градот, да ја оствариме таа средба со градоначалничката, да видиме дали ќе најдеме заеднички јазик, да најдеме решение за нашите проблеми и да имаме што поефикасен превоз“, изјави Јовица Зафировски.

Повикот за средба доаѓа откако превозниците му свртеа грб на Ленин Јовановски и со ново преговарачко тело дадоа рок за состанок до денеска, а во спротивно се заканија со нови блокади на Скопје.

„Ние сме ново координативно тело на приватните превозници. Ние ќе се обидеме да се договориме на наш начин. Одлучиме да настапиме како ново тело и така да побараме прием и еве, за среќа, тоа е успешно. Градоначалничката не повика, ќе имаме средба и ќе најдеме решение“ вели Зафировски.

Во интервју за МИА, Арсовска изјави дека треба да се преговара, иако 2 месеца не сакаше да ги прими на средба велејќи дека темата со приватниот превоз е затворена.

„Треба да се разговара и да се решат проблемите, но не на штета на Градот Скопје“, изјави Арсовска.

Долгот кој Арсовска не го признава, превозниците ќе го докажуваат и по судски пат. Првото рочиште започнува на 9-ти февруари.