Примен на Универзитет во Холандија, државата не му одобри стипендија (ВИДЕО)

Откако добил можност да магистрира на Универзитетот Утрехт во Холандија, дипломираниот правник, Петар Барлаковски побарал поддршка од Министерството за образование бидејќи школувањето и престојот во Холандија не може да си ги дозволи.

Тој ги исполнувал условите од конкурсот, на кој кандидатите за државна стипендија е потребно да имаат завршено прв циклус студии, нивниот просек да е над 8,50 и да се примени на универзитет рангиран меѓу првите 10 во светот според Шангајската листа.

Но тој е одбиен, бидејќи имал 180, а со едногодишните мастер студии од Утрехт ќе имал вкупно 240 кредити.

„Според нашиот систем, магистер е лице со образование кое обезбедува 300 кредити и нема да може да се спроведе постапка за нострификација на дипломата“, велат од МОН, пренесува „Сител“.

Барлаковски запишал магистерски студии и на правниот факултет  во Скопје, но комисијата тоа не го зела во предвид, поради што ќе се жали на одлуката од Министерството за образование.