Приказна за земјата “ПИМеранија” и Вицебратот – пишува Горан Момироски

Едно топло лето во една мала, сиромашна и понижена но убава земја живееше еден владетел кој имаше помал брат, меѓу народот познат како принцот Вицебрат.

Тие беа деца на татко што многу сакаше бесплатна струја.

Владетелот беше обожуван од членовите на неговата лична секта и освен што имаше повеќе први љубови во различни делови од кралството тој беше познат како вљубеник во бизнисот со марихуана.

Помалиот брат и принц повеќе се интересираше за рудните богатства и тендери во Рударско енергетски комбинати.

Еден убав ден името на помалиот брат се најде на листа на лоши чичковци каде имало луѓе кои користеле рекет во игра која наликува на тенис, каде што топчето полно со пари се движи напред – назад.

Добриот ангел Вероли и неговите помошници од црната шума Мвранија успеале да му помогнат на братот што сакал да го има најдобриот рекет и го тргнале од листата на лошите чичковци.

Но приказната не завршува тука со среќен крај.

За тоа е заслужна лошата вештерка Вилијамовка која дошла со словените од Руските степи.

Таа побарала од духовите да ги слушне сите гласови што ги искажал Вицебратот во текот на една година додека тргува во долината Рековача.

И за чудо желбата и се исполнила.

Лошите духови и ги дале сите гласови на Вицебратот со што станало јасно кој го контролирал топчето и во кои правци се движело топчето со пари во играта со рекет слична на тенис.

Владетелот тогаш побарал од добриот ангел Вероли да ги украде гласовите за да не дојдат до лошата вила Вилијамовка и тој успеал во тоа.

Но неговите луѓе од земјата Мвранија не успеале да го украдат ехото од гласовите на Вицебратот кои одекнуваат во пештерата на злото и чекаат да излезат на ливадите.

И сега во земјата Пимеранија се возбудени сите, и странските конзули, и болјарите, и рајата а најмногу владетелот кој (не) знае што содржат гласовите на вицебратот и кога тие ќе излезат од пештерата.

Кога станало јасно дека гласовите ќе излезат владетелот ги собрал своите црни витези и им рекол дека нема да ја повтори грешката со принцот Тендерашко иноваторот кој му го уапсија злите духови и дека ќе се бори до последен здив за да го спаси Вицебратот. Дури и ако земјата биде поплавена со крв.

И така сега лошата вештерка Вилијамовка од руските степи чека од странство да дојде коњот на бел принц за да ја разбуди од сонот и да започне хепиендот.

*Сите наведени ликови и настани во оваа приказна се фикција, освен тие што не можат да бидат.