Дали ќе се оствари најавата на премиерот Димитар Ковачевски на денешната владина седница да се донесе одлука за разрешување на целото раководство на М-НАВ и сите членови на Управниот одбор, како и ревизија за досегашното работење.

По упадот на 8 лица во канцелариите на Македонска навигација на 4 јануари физички напад врз тројца контролори на лет, Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, предложи на денешната седница да бидат донесени неколку одлуки: целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени и да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес.

Пред денешната владина седница од Мала Речица ДУИ навестија дека предлогот на Ковачевски за смена на директорите нема да биде прифатен затоа што нема доволно аргументи за разрешување на директорите на М-НАВ?

„Ќе дебатираме. Можеби Владата има посилни аргументи од судот“, велат од ДУИ од каде имаше повеќедневен молк по најавата за смена, а сега се потпираат на одлуката на Кривичниот суд, кој не им даде притвор на насилниците од ДУИ туку само мерка на претпазливост.

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје, како што соопшти отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Односно, осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.

Претседателот на ССКЛ Тасевски, пак, по инцидентот, најави дека Контролата на летање ќе стапи во генерален штајк на 10 јануари доколку директорите во М-НАВ не си поднесат оставки или пак Владата не ги разреши, како што најави.