Израелско-палестнскиот конфликт влегува во седмиот ден. Вкупно 153 жртви од кои 42 деца. Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху истакна дека ќе продолжат жестоко да одговараат на ракетните напади од Газа.

Американскиот претседател Џо Бајден вчера телефонски разговарал со Нетанјаху и со претседателот на Палестина, Махмуд Абас, за да ја изрази својата загриженост за ситуацијата, а денеска на оваа тема ќе заседава Советот за безбедност на Обединети нации.

„Нападите ќе продолжат сè додека биде неопходно. Правиме сè што е во нашата моќ за да ги ограничиме цивилните жртви. Ние не сме тие кои се одговорни за оваа конфронтација, туку оние кои нè напаѓаат“, кажа Нетанјаху во телевизиско обраќање.

Израел утрово го бомбардираше домот на шефот на Хамас во Газа, а вчера ја уништи 12-катната зграда во која беа сместени редакциите на неколку меѓународни медиуми, како „Ал Џазира“ и АП. Израелската војска кажа дека зградата била легитимна цел зашто таму биле сместени и воени канцеларии на Хамас. За одмазда, Хамас ноќеска испукал над 120 ракети кон Израел и вети дека ќе продолжи.