Деновиве ме контактираат блиски на лица со посебни потреби кои бараат помош од мене во врска со еден лек а кои благодарение на безчувствителноста на власта мора да преживуваат тешки семејни драми.

Иако со децении плаќаат здравствено осигурување за нив и нивните најблиски сега мораат некои од лековите кои државата мора да им ги набави, самите да ги набавуваат од странство.

Намачените луѓе кои ме контактираат бараат од премиерот Ковачевски и министерот за здравство Сали веднаш да реагираат и да интервенираат за набавка на лековите кои со месеци ги нема во земјава и можат да се набават само надвор од Македонија.

Некои од нив не можат да патуваат во странство а некои воопшто не можат сами да ги купат лекот.

Меѓу тие што ме контактираат со барање за помош има и граѓани на Куманово, градот од каде доаѓаат премиерот и министерот за внатрешни работи, градот со најсилно лоби во државата но и тие не можат да го набават лекот кој значи живот.

Лекот за кој во конкретниот случај реагираат граѓани се вика Депекине хроно и него според паталците со месеци го нема во аптеките. Покрај овој лек проблематични се уште многу други лекови кои министерството за здравство не ги набавува со месеци од непознати причини.

Како е да се живее без овој лек знаат само тие што го користат и тие што живеат со луѓето со посебни потреби на кои им е потребен.

Министерот за здравство и премиерот кои се заколнале дека ќе ги штитат интересите на сите граѓани имаат обврска да влезат во кондурите на сите граѓани особено на оваа најранлива група граѓани и веднаш да реагираат.

Ако има милиони за владините тендери за кумовите, пријателите и партијашите на власта тогаш Ковачевски мора да најде пари за овие лекови, па дури и ако цела Македонија еден ден нема струја.

Животот и мирот на овие луѓе е поважен од луксузот во кој живеат владините функционери навикнати на октоподи, лигњи и шкампи.

Алиби за Ковачевски и Сали има само ако при регрутацијата за воен рок им било утврдено дека се трајно неспособни да ја споделат и да сочувствуваат со маката на обичните луѓе за чија што судбина одлучуваат или ја загорчуваат.

Пишува Горан Момироски