Зошто премиерот Димитар Ковачевски има пресериозен проблем со легитимитетот? Веднаш по локалните избори дојде до едно чудно и бизарно повлекување на дотогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, од политиката. Иако социјалдемократите се обидоа да ја завртат целата ситуација во поинаква насока, па се зборуваше за некаков врвен морален чин или за одговорност кон граѓаните и нивниот глас на локалните избори, сепак многу нешта останаа неодговорени и сè уште висат во воздухот – пишува амбасадорот и поранешен видепремиер Ивица Боцевски.

Особено интересни за јавноста се одговорите на прашањето кои беа „повисоките од горе“ што го „спремаа за функција“ Зоран Заев, потоа за чудните среќавања во Грција, кога, според неговото лично признание, нелегално ја преминувал границата за да оствари политички средби, сите аспекти на „Шарената револуција“ и улогата на СДСМ во тој период, кумановските настани од 2015 година и вовлеченоста на Зоран Заев во нивното планирање, дури и последици, разнишувањето на постулатите на Охридскиот рамковен договор, тиранската платформа, улогата на странскиот фактор во неговото наметнување, СЈО и логистиката од СДСМ за неговото востоличување, функционирање и корумпирање, настаните од 27 април и последователните политички процеси, Преспанскиот договор, „осумтемина“ од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, мртвороденото „конгресно“ ВМРО-ДПМНЕ, производството на марихуана и измената на законодавството околу овој наркотик, но и претседателските избори од 2019 година и парламентарните избори од 2020 година, кои оставија премногу контроверзии и неодговорени прашања.

Многу поинтересна за јавноста е неговата сегашна улога во раководењето со СДСМ и со Владата. Распонот на одговорите тука е од „Заев целосно е повлечен“ до „Заев е газдата на ,куклениот театар’“ (јас сум застапник на вториот став). Се разбира, тој нема потреба да одговара на прашањето што мислел со „едно евро за Вицето и уште едно за црквата“, затоа што совршено ни се јасни неговите почетоци и рани трудови. Не мора да одговара ни за корупцијата околу 1ТВ, затоа што Бојан Јовановски, алијас Боки 13, ќе ни ги раскаже сите детали, особено за тоа каде и како завршила веќе неславната брендирана чанта „луј витон“.

Но со Зоран Заев ќе се занимава во иднина политичката и историската наука, секоја од свој аспект, а особено правната наука, но од применет аспект, низ судските процеси. Темата на оваа колумна е Димитар Ковачевски, петтиот лидер на СДСМ, ако земеме дека партијата е основата на 20 април 1991 година и дека нема никаков континуитет со Сојузот на комунистите на Македонија (освен имотот на некогашната единствена партија).

Проблемот со легитимитетот на Димитар Ковачевски лежи во фактот што тој за македонската јавност беше политичка непознаница сѐ до неговото миропомазание од страна на Зоран Заев. Македонската јавност не знае кој е Димитар Ковачевски, која е неговата биографија, кои се неговите вредности, ставови и принципи, како ги градел своите политички ставови, кои се неговите политички и лични херои, кои книги ги читал, кои медиуми ги следи и секој аспект на јавен интерес околу еден лидер на стожерна партија во Македонија, каква што е СДСМ.

Попусто беше целокупната фарса околу внатрепартиските избори кога тие никого не можат да убедат дека е спроведен изборен процес, а уште помалку дека неверојатни 40 илјади луѓе излегле на некакви внатрепартиски избори и го дале својот глас за човек кому сè уште во Македонија му ги учат името и презимето. Да не зборуваме за срамниот факт дека тој цели шест месеци не излезе на пратенички прашања во Собранието, а завчера наместо седница со пратенички прашања, следевме една комична и нервозна рашомонијада, каде што врв на гротеската беше обвинувањето од премиерот дека некако опозицијата е виновна за отворањето на бугарскиот културен клуб „Ванчо Михајлов“ и најавата дека Владата ќе отворала македонски културен клуб во Благоевград. Исто така, лидерски дуел помеѓу претседателите на двете стожерни партии во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, не сме виделе откако Ковачевски е дојден на функцијата (или наметнат на функцијата, сеедно).
Димитар Ковачевски не може да биде ниту лидер на СДСМ, а уште помалку македонски премиер, сè додека тој не се стекне со изворен легитимитет од граѓаните, потврден на демократски избори. Тоа е суштината на неговиот проблем.

Целиот текст на следниот линк:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/koj-e-vsushnost-dimitar-kovachevski/