Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) му поднела прекршочна пријава на доктор Жан Митрев затоа што клиничките испитувања кои ги вршел врз пациенти болни од ковид не биле пријавени, пишува ИРЛ.

Законот предвидува парична казна од 50 илјади евра доколку не ги почитувал строгите правила за вршење на клинички испитувања. Испитувањето мора да биде одобрено и мониторирано од Клиничка и Етичка комисија во МАЛМЕД, а пациентите мора да бидат известени дека се дел од клиничко испитување и третманот е бесплатен.

Адвокатите на Жан Митрев тврдат дека клиниката немала потреба да ги пријави клиничките испитувања за користење на хемофилтрација кај пациентиболни од ковид, затоа што всушност не станувало збор за вистински клинички испитувања.

„Станува збор за обичен напис, обична статија, каква што обврска имаат да прават сите здравствени установи, особено во услови на пандемија и светска криза. Да информираат и доставуваат информации до сите медиуми со цел да се врши размена на сознанија и искуства“,

вели еден од адвокатите на доктор Жан Митрев во изјава за ИРЛ.
Тој додаде дека е неспорно дека трудовите се објавени во меѓународни публикации, но дека поради техничка грешка истите се означени како студии.

Клиничкото испитување за користење на хемофилтрација кај критични ковид-пациенти е објавено во јули 2020 година. На самата публикација е наведено дека станува збор за клиничка студија која има за цел да докаже дали хемофилтрацијата има позитивни ефекти доколку се користи кај пациенти заболени од ковид.

Доктор Митрев во интервју за телевизија Канал 5 во август 2020 година се пофали дека болницата веќе има направено студија која им користи како поткрепа за лекување на ковид-пациенти во критична состојба.

„Ние веќе ги имаме бројките, нашата прва студија ја објавивме и меѓуародно и има научна поткрепа“,изјави Жан Митрев во август 2020 година во интервју за емисијата „Само вистина“.

Во текот на истражувањето ИРЛ пронајде пет клинички студии во кои учествувала болницата „Жан Митрев“. Студиите се објавени во периодот од јули 2020 до септември 2021 година. Целта на сите е да се докаже бенефитот од третманот хемофилтрација со „Оксирис“ филтрите на американската фармацевтска компанија „Бакстер“.

Целиот текст тука.