Предупредување: Ако не се повлечат багерите од Водно се е можно?

Движењето “Го сакам Водно” реагира на обновувањето на градежните работи за поставување на гасоводни цевки кои што на главниот град треба да му донесат гас.

“Без официјална одлука на Влада, без одобрение од Град Скопје, со долга листа на неправилности во целата постапка за градење на оваа делница на гасводот, во издавање на одобрението за градење, деновиве багерите по неколку месечна пауза продолжиле на терен да рамнат и го кршат сртот!!! Државава вака мисли да продолжи да работи? На овој начин?!?!”, прашува здружението кое се противи на одлуката на Владата Водно да се уништува со цевки за гас.

До 25 хектари шума може да се уништат ако се гради планираниот гасовод низ парк-шумата Водно и тоа по сртот на планината.

Трасата на овој гасовод, кој треба да го заобиколи Скопје, започнува под Сончев град, се движи по сртот на Водно, под Милениумскиот крст, преку Матка до селото Шишево, делумно по пошумен, делумно по карпест терен.

Граѓански организации предупредија дека се против изборот на оваа линија за изградба, и дека нивниот став е конечен, особено што во физибилити-студијата, изработена во 2010 година, се предложени повеќе алтернативни траси.

Според екологистите, северните траси, кои би поминувале покрај скопската обиколница, се подобриот избор за изградба на гасоводната линија. Образложението дека тие се избегнуваат заради пресекување на водоводните линии од Рашче кон Скопје, за нив е неиздржано, бидејќи и планираниот гасоводен крак за Косово го прави токму тоа. Овој факт, според нив, е потврда дека изборот на трасата низ парк-шумата Водно е неоправдан

Членови на движењето на социјалните мрежи најавуваат протести а меѓу редови се зборува и за порадикални мерки.