„Предлогот за уставните измени е доставен до Владата и откако таа ќе го разгледа на некоја од наредните седници, меѓутоа не подоцна од крајот на овој месец, ќе го достави до Собранието.
Уставните измени се глас за ЕУ и за продолжување за европскиот пат“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата одржана во Вилнус каде присуствуваше на Самитот на НАТО.
Како што рече, уставните измени не се под никаков диктат, туку дека се дел од обврските наведени во Преговарачката рамка што во јули минатата година била усвоена во Собранието без ниту еден глас „против“.
„За првпат имаме ситуација во која ветото не доаѓа однадвор, туку одвнатре. Секој има право да се изолира себеси, па дури и да изолира дел од својата политичка партија, но нема право да ја изолира државата“ – порача премиерот кој останува на ставот дека треба да се отвори дискусија бидејќи се работи за исклучително важна одлука за државата.
И министерот за правда Кренар Лога е на ставот дека уставните измени ќе бидат доставени до Собранието во наредните десет дена.
„Верувам дека до крајот на овие десет дена ќе се процесираат и ќе бидат доставени до Собранието.
Процесот не е едноставен, бара широк консензус и две третини во Парламентот кои верувам дека ќе се обезбедат.
Верувам, бидејќи имам информации дека во ВМРО-ДПМНЕ се разговара за таков процес и дека ако тие не се за поддршка на уставните измени, ќе се најдат други луѓе“, истакна Лога во гостување на ТВ Сител.