Пишува: м-р Свето Тоевски
Со усвојувањето на „амандманите на Уставот“ Владата на Македонија и официјално ќе му објави непријателство на македонскиот народ, ќе му објави војна на народот, чии интереси би требало да ги штити и да ги спроведува. А со ништо не ги штити, туку најбезобѕирно ги распродава на Бугарија и Грција. Секој министер во таа Влада, секој така наречен „експерт за Устав“ – член на нејзината противзаконска и противуставна „Комисија за уставни промени“, но и секој пратеник треба да бидат свесни дека со своето учество во замисленото „менување на Уставот и внесувањето на Уставот“, што нема да се оствари, би учествувале, всушност, во финалето на повеќегодишниот антимакедонски план за распаѓањето на Македонија како држава и за уништување на македонскиот народ и на неговиот идентитет.
„Бугарите во Уставот“ би било еднакво на внесување нуклеарна бомба во темелите на македонската држава!
Впишувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот на Македонија би значело, поправо, внесување нуклеарна бомба во темелите на македонската држава со апокалиптични последици. Но, тоа нема да се случи, зашто 80 проценти од Македонците се против тоа и тоа нема да го дозволат.
Впишувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот на Македонија би значело, поправо, внесување на великобугарската, „санстефанска платформа“ во средиштето на македонскиот национален, јазичен и културен идентитет и во македонската историја, бидејќи таа платформа, тој концепт не познава и непризнава „македонски народ“, туку само „се уште неосвестени благонадежни македонски Б’лгари“. Бидејќи таа платформа, тој концепт не го познава и не го признава засебниот и автентичен македонски јазик, туку него како „расипана дијалектна норма на б’лгарскиот јазик“. Нема да се случи ниту ова, зашто 80 проценти од Македонците се против тоа и тоа нема да го дозволат.
Внесувањето на „фантомските државотворни Бугари“ во највисокиот акт на Македонија, што нема да се случи, би било ново велепредавство на државно-националните интереси на Македонија и на македонскиот народ, второ по насилното изгласување на Перспанскиот договор. Секој што учествувал во донесувањето на „Преспанскиот договор“, но и секој што започнал да учествува и во новата уставна авантура, скроена според бугарски терк, треба да биде свесен дека македонскиот народ ниту заборава, ниту ќе прости, секој ќе ја понесе одговорноста за своите антимакедонски (не)дела!
Според меѓународното право, етничките малцинства располагаат со право на самоопределување до отцепување, но над овој принцип на меѓународното право е поставен повисоко принципот на неповредливоста на територијалниот интегритет на односните држави, во кои живеат етничките малцинства. Но, ако односните етнички малцинства здобијат уставен третман како „државотворен народ“, тогаш тие здобиваат според автоматизам право на самоопределување до отцепување од онаа државна заедница, во која дотогаш живееле.
Но, што значи еден народ да биде признат како „државотворен“? Меѓународниот принцип на државотворноста на еден народ јасно е образложен во студијата на д-р Франсоаз Компанен, професорка за меѓуетнички прашања од Врије Универзитетот во Амстердам, во Холандија, и други автори, со наслов „Истражување на Кавказот во 21 век: огледи за културата, историјата и политиката во динамичен контекст“. Во оваа студија се нагласува: „Народите имаат право на држава. Тоа значи дека, ако односниот народ во мултиетничката држава во текот на подолг временски период бара внатрешно самоопределување и ако не го добие тоа, тогаш ќе уследи негово отцепување од мултиетничката држава.“
Ете зошто во средината на годинашниов мај претседателот на Бугарија Румен Радев на средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархели во Софија го повтори барањето Бугарите да бидат впишани во преамбулата на уставот на Македонија, но исклучиво како „еден од државотворните народи“! Ете зошто лидерот на ДУИ Али Ахмети од 2019 година позачестено го изнесува барањето и Албанците да бидат впишани во преамбулата како „државотворен народ“, а истото барање го споделуваат и сите други албански политички партии!
Се форсира внесување два нови „државотворни народа“ во Уставот, во кој Македонците се сведени на „етничка заедница“ без државотворен статус.
Политичките претставници и институции н САД и Германија кршат суштински одредби на своите Устави со однесувањето кон Македонија
Највисоките политички и дипломатски претставници на САД, Германија, Франција, Бугарија и Албанија, заедно со ЕУ, вршат најсилен притисок за „почитување на Преговарачката рамка“, заради „зачленувањето на Македонија во ЕУ“. Токму затоа во оваа колумна ги изнесувам резултатите од делумната споредбена анализа на уставите на САД, Германија, Франција, Бугарија и Албанија, поврзано со сегашниот и претходните устави на Македонија.
Во уставите на споменатите пет држави нема наведување никакви етнички малцинства, не се внесени никакви и ничии етнички идентификациски одредници, освен само „народот на САД“, „германски народ“, „француски народ“, „бугарски народ“ и „албански народ“. Тие се така наречени „национални устави“, засновани врз концептот на „национална држава“.
Во воведниот дел на Уставот на САД се наведува: „Ние, Народот на Соединетите Држави, со цел да ги … обезбедиме благословите на слободата за нас самите и за нашето потомство…“. Значи, САД сакаат самите да си ги обезбедат „благословите на слободата“ за својот народ, а Македонија е присилена, под закана на ултиматуми, закани и диктати, да чека други држави да ги обезбедуваат тие „благослови на слободата“ за македонскиот народ!
Во втората воведна реченица на Уставот на Германија се наведува: „Инспириран од определбата да го промовира светскиот мир како рамноправен партнер во обединета Европа, германскиот народ, во вршењето на својата уставна моќ, го усвои овој основен закон (Устав).“ Значи, „германскиот народ има право да ја врши својата уставна моќ“, што е и најнормална работа, но највисоките политички личности и институции на Германија, во содејство со ЕУ и другите меѓународни центри на политичката моќ, му го оспоруваат, со надворешните диктати да се промени македонскиот Устав му го суспендираат правото и на македонскиот народ да си ја врши својата уставна моќ во сопствената држава!
Точка 2 од член 1 од преамбулата на Уставот на Германија гласи: „Германскиот народ им ги признава неприкосновените и неотуѓиви човекови права како основа за мир и правда на секоја заедница во светот“. Но, германскиот претседател Штајнмаер лично беше дојден во македонскиот Парламент да врши притисок за промената на Уставот. Сега и тој парламент донесе „Резолуција за поддршка на македонскиот идентитет и јазик“, но веднаш потоа повика да се почитува „Преговарачката рамка“, што значи поправо поддршка не за Македонија, туку за бугарските негирања на македонскиот идентитет и јазик, а тоа е самонегирање на сопствената резолуција!
Значи, највисоките политички институции на германската држава го кршат својот Устав, иако тој и ги признава „неприкосновените и неотуѓиви човекови права како основа за мир и правда“ и на македонската нација!
Во Уставот на Бугарија е исклучено „создавање автономни политичко-територијални формации на територијата на Бугарија!“ Оваа држава она што го планира на дел од македонската држава – да си ја конституира „втората бугарска држава на Балканот“, елиминира каква било можност тоа да се појави на нејзината територија!
Можна нова Преамбула на Уставот на Македонија
Врз основа на споредбената анализа на уставите на споменатите пет држави и поодделно на Македонија, создавам сопствен можен модел на нова преамбула на Уставот на Македонија и го изнесувам на критичка оценка пред најшироката општествено-политичка јавност во Македонија: „Ние, Македонската нација, горди и свесни за нашата историја, преземајќи ја одговорноста да ги заштитиме и да ги зачуваме своето минато од какви било ревизии и присвојувања, нашата сегашност и иднината на македонските поколенија,
оддавајќи им почит, признателност и благодарност на своите претци за нивните жртви и на нивната борба за градење независна држава Македонија, со неотуѓив внатрешен и надворешен суверенитет – согласно со државотворните традиции на Самоиловата држава, на Македонското Кресненско востание, на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година,
почитувајќи ги многувековните стремежи за развој и афирмација на нашиот македонски национален, јазичен, културен и духовен идентитет,
искажувајќи, согласно со меѓународните конвенции и право, легитимна грижа за помагање за животот, колективните и индивидуалните права на припадниците на македонската нација во Егејска Македонија – во Грција, во Пиринска Македонија – во Бугарија, во Косово, Албанија и Србија,
штитејќи ги и развивајќи ги македонското културно наследство и традиции,
искажувајќи почит и решеност за запазување на фундаменталните човекови права и слободи, на духот на толеранцијата, верскиот соживот и етничкиот соживот на македонската нација со албанското, турското, српското, ромското, хрватското и еврејското етничко малцинство,
преку своите претставници во Собранието на Македонија, избрани на слободни и демократски избори, го донесуваме овој Устав и ја конституираме Македонија како унитарна, демократска, национална држава на македонската нација, која ќе се гради и ќе функционира во дијалектичко единство и суштинско надополнување и со карактеристиките и елементите на граѓанската држава, со недделив и неповредлив територијален интегритет, не дозволувајќи создавање никакви автономни политичко-територијални формации на територијата на Македонија,
со длабоко уверување дека правдата, мирот, хармонијата и соработката меѓу народите се меѓу највисоките вредности на човештвото.“
Споменувањето на етничките малцинства – ако некому му пречи изразот „малцинство“, иако е тоа стандардна меѓународна терминологија, тогаш нека се задржи изразот „етничка заедница“ – е во согласност и со принципите на „Манифестот на Крушевската република“, кој бил упатен по име до секој од тогашните етникуми, што живееле во Македонија. Во таквата „мултиетничка преамбула“ со македонскиот народ како нејзин државотворен стожер-носител, не може да има место за Бугарите, бидејќи такво етничко малцинство не постои во Македонија!
Ваквата можна нова Преамбула ќе може да биде вградена во Уставот на Македонија само низ постапка на донесување нов Устав на Македонија, од кој ќе бидат отстранети сите претходни „амандмански преправки“, кои доведоа до парализата во функционирањето на општествено-политичкиот систем и непрогласено делумно федерализирање на државата.
Од суштинско значење е да се возобноват статусот на македонскиот народ и на Македонија како држава. Со статус на Македонците како „етничка заедница“, не како државотворен и единствен конститутивен народ, и на Македонија претворена во „мултиетничка држава“, со стремеж кон „двонационална држава“, незамисливо и недозволиво е какво било менување на Уставот. Менување на Уставот во сегашниот вителен политички момент е контрапродуктивно и опасно да се прави сега, туку треба да се одложи за во еден натамошен поповолен временски момент, кога и геополитичките моменти ќе бидат понаклонети.
Во оваа колумна изнесувам ставови произлезени од објективна политиколошка анализа, кои немаат поврзница со ниедна политичка партија и со ниеден медиум. Ставовите се поврзани само со македонскиот народ и Македонија.