Пред науката и Царовска (треба да) молчи – Анализа

Нова, втора по ред колумна на тема дигитализација на образовниот процес од доц. д-р Атанас Кирјаковски, кој предава психологија и когнитивни науки на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје, а магистерските и докторските студии ги завршил на Универзитетот „Кобе“ во Јапонија

Зуењето околу најавените дигитални учебници во образованието не стивнува. Сѐ уште, за жал, наместо да се води искрена, суштинска и научна дебата околу квалитетот на образованието на децата и младите, наместо да се носат одлуки врз основа на проверени научни факти и податоци (evidence-based decision making), до овој момент министерката Мила Царовска нема слух за независната научна јавност и продолжува да симулира квазидебата со повторувањето на разноразните општи флоскули и „шарени стакленца“, притоа своеглаво терајќи си со „реформите“.

Истовремено, незадоволството кај граѓаните, наставниците и родителите продолжува и понатаму да расте и фејсбук-иницијативата против вака скроените реформи најави масовни протести оваа сабота на 15 мај во Скопје пред МОН и низ градовите на републиката, а воедно ќе иницира и референдум на кој граѓаните ќе може да се изјаснат дали ги поддржуваат реформите или не.

Бидејќи како когнитивен психолог сметам дека ваквите реформи непосредно, радикално и, пред сѐ, прекутрупа ја модификуваат самата методологија на наставата, морав да направам еден концизен научен преглед и да предупредам во првиот дел од оваа колумна за можните последици по психофизичкото здравје на децата и младите доколку невнимателно и избрзано се донесе новиот закон со кој се наложува драстично зголемување во употребата на дигиталните уреди од страна на адолесцентската популација во и надвор од наставата. Во вториов дел зборувам за заблудите околу дигиталните технологии, за т.н. „дигитални домородци“ и за дилемите кои ги отвораат научните истражувања околу употребата на дигиталните технологии во однос на учењето, детското внимание и академскиот успех.

Ореолот на дигиталните технологии и митот за „дигиталните домородци“

Една мала фуснота од книгата „Профили на иднината“ од легендарниот писател на научна фантастика, футурист и сценарист на култниот филм „2001: Вселенска одисеја“, сер Артур Ч. Кларк, стана позната како „третиот Кларков закон“ и гласи: „секоја доволно напредна технологија не се разликува од магија“ (во оригинал: „Any sufficiently advanced technology is indistinguishable from magic“). Така и со дигиталната технологија. Изгледа магично, напредно, мистично, семоќно и „фенси“. Но дали е тоа така? Дали навистина треба да се гледа на дигитализацијата како на магија со која ќе се решат проблемите во образованието како што нѐ убедува министерката?

Дали навистина дигитализацијата волшебно создава позитивни и напредни ефекти во психокогнитивниот развој на децата и нивното образование?

Овие прашања се емпириски и научни прашања, а не прашања на фантазија, политика или идеологија.

Секако дека дигиталната технологија има многу предности како, на пример, брзината на процесирање на информациите, автоматизацијата, комуникацијата, поврзувањето, вмрежувањето, прецизноста… Секако дека „Гугл“ знае „сѐ“… Секако дека со помош на компјутерите стапнавме на Месечината и наскоро, се надевам, на планетата Марс.

Но дали тоа е причина за слепо да се прифати оваа технологија како „магија“ и ревносно да се промовираат дигиталните учебници како супериорен дидактички материјал?

Не.

Во дигиталната технологија нема ништо „магично“, а оние што свесно или несвесно веруваат дека е ултимативното решение на сѐ и сешто, потпаѓаат под уште една варијација на когнитивната заблуда наречена „ореол-ефект“ (“halo effect”; погрешно верување дека ако нешто е добро во еден домен, тогаш мора да е добро и во сѐ друго). Поентата е: ако дигиталната технологија е добра во одредена област, тоа не значи дека е добра во секоја област. А дигиталниве реформи се промовираат во јавноста токму како магија. Како најнај. Како панацеа за сите болести во образованието.

Пиарот вели секаде се употребувале дигитални учебници (неточно), биле современи (небитно) и земјава немало да заостанува назад (срцепарателно). Реалноста е следна: печатените учебници се супериорни над дигиталните во однос на ефективното учење и описменување. Но, тоа не значи дека дигиталните медиуми треба да се исфрлат од образованието (21 век сме побогу).

Меѓутоа, мора внимателно да им се најде местото, начинот и научно-поткрепена употреба, пред сѐ, како додатни, а не примарни алатки за генералната детска и адолесцентска популација во училиштата.

Целата колумна на факултети.мк

Првата колумна на доц. д-р Атанас Кирјаковски на оваа тема:

Дигитални реформи со аналогни последици врз децата и младите