Денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според јулијанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање.

Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.

Денот наспроти Божиќ се празнува со низа обичаи.

Обичаите за Коледе-Бадник почнуваат во ноќта пред празникот, со палење големи коледарски огнови, кои горат до доцна во ноќта, со песна, оро, греана ракија и вино, како и неизбежната погача.

Во раните утрински часови, најмладите коледари во духот на традицијата ги пеат своите бадникови песни и ќе ни го најават раѓањето на Исус Христос.

Домот се украсува со бадниковите гранчиња кои се симбол на среќата, љубовта и светлината.

На овој ден традиционално се собира семејството на вечера на Бадник. Се приготвува богата трпеза исклучително со посна храна, со што симболично треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.

Специфичната традиција за македонската прослава на Бадник е во секоја куќа да се меси кравајче, пита или погача, во кои се става паричка.

Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на онолку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел ја бараат паричката во лепчето и оној што ќе ја најде ќе се смета за најсреќен во годината што претстои.

Зборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски – да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник“.

И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.