Вчерапното издание на емисијата ,,Заспиј ако можеш” на Алфа ТВ ја објави позицијата на амбасадата на САД за поврзаноста на државата Америка со договорот меѓу владата на Македонија со фирмата Бехтел и Енка.
Во емисијата е објавен став на амбасадата на САД со одговор на повеќе прашања упатени од новинарот на Алфа ТВ Горан Момироски за случајот кој ја вознемирува македонската јавност.
,,Бехтел не е ентитет на американската влада и ова не беше договор на американската влада. Иако Амбасадата на САД не е вклучена во одредувањето на исходот од приватните инвестиции, поттикнувањето на економскиот развој и комерцијалното партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија останува една од примарните мисии на Амбасадата. Амбасадата понекогаш служи како советодавен капацитет за деловната клима во Северна Македонија за американските компании кои сакаат да се прошират овде, но не презема никаква улога во преговорите или диктира услови за каков било договор. Прашањата за преговарачкиот процес и резултатите треба да се упатат до преговарачките страни”, стои во одговорот на амбасадата на САД во одговорот на повеќе прашања за поврзаноста на амбасадата со договорот со Бехтел и Енка упатен до Момироски.
Одговорот од САД доаѓа пет дена откако премиерот Ковачевски ги повика Америка и Турција да кажат дали има корупција во договорот Бехтел и Енка.
На темата Бехтел и Енка вчера во емисијата Заспиј ако можеш со Горан Момироски и Драган Милосављевиќ зборуваше и екс министерот за финансии Џевдет Хајредини.